Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по денешната
наредба на Меѓународниот суд на правдата (МСП) до Израел веднаш да ја прекине
офанзивата на Рафа, изјави дека ЕУ ќе треба да избере дали ќе ги поддржи
меѓународните институции или Израел.
„Каков ќе биде одговорот на (ЕУ) на денешната пресуда на
Меѓународниот суд на правдата, каков ќе биде нашиот став? Ќе треба да избереме
помеѓу нашата поддршка за меѓународните институции за владеење на правото или
нашата поддршка за Израел“, рече Борел.
Министерката за надворешни и европски работи на Белгија, Аѓа
Лабиб изјави дека нејзината земја бара итно спроведување на одлуката на судот
во Хаг.
„Насилството и човечкото страдање во Газа мора да престанат.
Повикуваме на прекин на огнот, ослободување на заложниците и преговори за
спроведување на решение за две држави“, напиша таа на социјалната мрежа X.
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади
денеска изјави дека одлуката на МСП „уште еднаш ги разоткри израелските воени
злосторства во Газа“.
„И уште еднаш, израелската влада реагира со презир кон
меѓународното право, одбивајќи да го почитува“, напиша тој на Икс Сафади.
Судот претходно му нареди на Израел да спречи акти на
геноцид врз Палестинците и да дозволи испорака на помош за Газа, но не нареди
запирање на воените операции.
Израел го нападна Рафах овој месец, принудувајќи стотици
илјади Палестинци да го напуштат градот во кој живееле повеќе од половина од
2,3 милиони жители на Газа.
По одлуката на МСП, израелските власти го нарекоа судот во
Хаг антисемитски и дека на тоа треба да се одговори само со окупација на Рафа,
зголемување на воениот притисок и уништување на Хамас „се додека не се постигне
целосна победа во војната“.