Франција со векови е држава која геостратешки, заедно со Велика Британија, е лидер во Европа. Не постои битна одлука за распределба на моќта, териториите и економијата во која Франација немала свој удел.
Денес, Франција се мачи да остане на таа маса. Трпи геостратешки порази во низа и силата ја покажува на Балканот каде наметнува политички решенија за Косово и Македонија обидувајќи се да создаде впечаток дека се уште нивниот збор е последен, без оглед што тој збор, во овие два случаи, е спротивен на меѓународното право.
Серија воени удари во Западна Африка започна пред четири години во Мали, за во 2023-та да продолжи во Буркина Фасо, Нигер и во Габон.
Судан, Чад, Либија и Централноафриканската Република гравитираат кон овие земји кои минуваат низ серија државни удари и промена на власта, и кои барем еден век се под француска доминација, каде што улогата на Русија и Кина несомнено е зајакната.
Откако беше принудена да ги напушти Мали и Буркина Фасо, нејзините поранешни колонии, најважното упориште на Франција стана Нигер, чиј демократски избран претседател беше особено пријателски настроен кон Франција, но и кон Америка, која исто така е присутна во овој дел на Африка.
Нигер е единственото преостанато стратешко упориште на Франција во Западна Африка. Оправдувањето за западното присуство е наводната борба против исламистичките групи кои се сè поприсутни во регионот Сахил, во Северна, Централна и Јужна Африка.
Франција беше загрижена дека воениот удар во Нигер извршен на 27 јули 2023 годин ќе ја турне земјата во прегратките на Русија.
Француските војници беа принудени да го напуштат Мали, по раскинувањето на договорот за безбедносна соработка. По истото сценарио и во Буркина Фасо, беше прекината соработката со француските војници присутни во оваа земја, како дел од воено безбедносната операција Сабја. Преодната влада, која беше формирана по воениот удар од септември 2022 година, исто така одлучи да ја прекине соработката со Франција во областа на одбраната.
Падна и Нигер. Руски воени инструктори во април годинава пристигнаа во Нигер со авион натоварен со воена опрема, објави нигерската државна телевизија РТН, повикувајќи се на договорот меѓу хунтата и рускиот претседател Владимир Путин за зајакнување на соработката.
„Тука сме да ја обучиме армијата на Нигер и да ја развиеме воената соработка меѓу Русија и Нигер“, рече маж во маскирна униформа, за кого RTN објави дека е еден од инструкторите, објави Ројтерс.
<b>После пожарот во Африка, удар врз Франција и од Каледонија </b>
Нова Каледонија е француска територија, во близина на Австралија, која се состои од десетици острови во јужниот дел на Пацификот. Позната е по плажите обложени со палми и лагуната богата со морски животни, која, со површина од 24.000 квадратни километри (слична територија колку Македонија) со околу 300.000 жители. Масивен корален гребен го опкружува главниот остров Гранд Тере, главна дестинација за нуркање. Главниот град Нумеа е дом на ресторани под влијание на Франција и луксузни бутици кои продаваат париска мода.
Каледонија покажува намери за независност од Франција. По големите политички и економски загуби од колониите во Африка, Франција и претседателот Макрон не смеат да си дозволат уште еден пораз и удар врз политичките и геостратешки интереси, угледот и престижот на Фрнација.
Француските сили започнаа „голема операција“ во Нова Каледонија, а немирите однесоа уште еден живот, пишува британски „Гардијан“. Операцијата ќе има за цел да го врати патот што го поврзува аеродромот со Нумеа, бидејќи градоначалникот на главниот град вели дека ситуацијата „не се подобрува“.
Француските сили пробуваат да ја вратат контролата врз патот долг 60 километри што го поврзува главниот град на Нова Каледонија Нумеа со главниот меѓународен аеродром. Седми ден траат насилните немири.
За немирите се обвинуваат економската слабост, социјалните тензии и – пред сè – политичката борба меѓу претежно домородните активисти за независност и властите во Париз. Немирите избувнаа во понеделникот, предизвикани од плановите во Париз да се воведат нови правила за гласање кои би можеле да им дадат право на глас на десетици илјади жители што не се домородни. Групите за независност велат дека тоа ќе го намали гласот на домородните Канаци, кои сочинуваат околу 40 отсто од населението.
Соочена со бунт Франција испрати 600 тешко вооружени жандарми да го обезбедат главниот пат што го поврзува главниот град со аеродромот. Летовите до и од главниот остров на Нова Каледонија се откажани од почетокот на немирите, блокирајќи патници и прекинувајќи ги трговските патишта.
– Ситуацијата не се подобрува, напротив , и покрај сите апели за смиреност – рече градоначалничката на Нумеа, опишувајќи ја Нумеа како „под опсада“. Штетата е неверојатна… Тоа е пустош.
Во судирот досега загинаа шест жители на Каледонија. Убиени се и двајца жандарми и уште три лица, домородните Канаци.
И покрај вонредната состојба воведена на територијата од владата во Париз – како и стотиците засилувања за безбедносните служби – жителите велат дека насилството продолжува да го прави опасно излегувањето.
Новинарите на АФП во градскиот кварт Магента видоа запалени возила и згради, а полицијата за безредијата на местото на настанот се обидуваше повторно да воспостави контрола. Во текот на ноќта во петокот, жителите известија дека слушнале пукотници, хеликоптери и „масивни експлозии“ – кои наводно биле предизвикани од експлозии на канистри со гас во запалена зграда.
Стотици тешко вооружени француски војници и полицајци патролираа по улиците на Нумеа полни со урнатини во саботата. Насилството го натера францускиот премиер Габриел Атал да ја тргне Нова Каледонија од глобалната маршрута на олимпискиот факел.
Локална деловна група ја процени штетата од немирите, концентрирани околу Нумеа, на 200 милиони евра, но штетата на угледот на островите може да чини уште повеќе. Туризмот е еден од најпрофитабилните сектори во Нова Каледонија, но се проценува дека околу 3.200 туристи и други патници се блокирани внатре или надвор од архипелагот поради затворањето на меѓународниот аеродром во Номеа.
Владата на Нова Каледонија во петокот соопшти дека островот има залихи на храна за два месеци, но проблемот е во дистрибуцијата.
Операциите за снабдување со храна и лекови за јавноста ќе започнат со тимови, вклучително и специјалисти за расчистување мини, кои ги отстрануваат патните барикади заробени од активисти, соопштија француските власти.
Франција се бори за лидерство во Европа, за создавање европска војска по нивна иницијатива, да отвори фронт со европски војници против Русија, да одлучува за Западен Балкан особено состојбите и статусот на Косово и Македонија, се обидува да гради меѓународен престиж кој го имала во времето на Шарл Де Гол и Франсоа Митеран... Се обидува да воспостави односи и влијание врз Индија и Кина, бара релации со БРИКС и без успех во сето тоа... Работите одат во спротивен правец.
Сегашниот претседател Емануел Макрон кој го троши својот втор мандат откако стана претседател во 2017та година се соочува со постојани немири во државата. Економијата има лоши резултати, големи компании влегуваат во криза и државата мора да интервенира со националзација. Национализацијата на приватизираните јавни претпријатија започна во Франција минатата година кога владата презеде 100% од капиталот на ЕДФ (Електродистрибуција), приватизиран во 2005 година. Деновиве на ред дојде Атос, гигант во информатичката индустрија проценет на милијарда долари.
На крај, со губење на контрола врз некогашните колонии во Африка, и тензиите во Нова Каледонија, Емануел Макрон ќе остане забележан во француската историја и геостратегија како губитник. Загуби колонии, доминација, престиж и економија а не донесе нови вредности. Наметнувањето француски одлуки за Македонија и Косово е многу мала компензација за француската, некогаш, империја.
<b>Vecer.mk</b>