Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ во гостувањето во „Наткаст“ кај Љупчо Цветановски изнесе низа обвинувања за злоупотреби и нерегуларности во работењето на Министерството за односи меѓу заедниците, кое го наследи од Артан Груби.
Според него, институцијата се користела како „приватна фирма“, а инвентарот и финансиските сметки укажуваат на незаконски дејства и немарност.
– Ни голчиња, ни кош, ни филџани, ни чаши, ни кафе, ништо не беше оставено. Дури и фиксни телефони нема во министерството. Сето тоа кога дојдовме беше растурено. Имало дури и камери поставени во кабинетот, кои исто така биле отстранети – изјави Стоилковиќ.
Министерот нагласи дека попис на инвентар никогаш не бил извршен, што според него претставува сериозен пропуст.
– Побаравме ад-хок ревизија и резултатите се фрапантни. Министерството ќе оди на затворена седница на Влада за да се разгледа извештајот од ревизијата – додаде тој.
Иако нема инвентар, министерството, според Стоилковиќ, имало астрономски сметки за кафани.
– Сметки од 20, 30, па и 40 илјади денари се правеле секојдневно. Јас овие месеци немам платено ни една сметка на сметка на министерството, сè си плаќам сам – рече министерот, додавајќи дека претходно ова било секојдневна практика.
Стоилковиќ откри и дека има сметки од околу 20 илјади евра за две ќебапчилници, кои биле покривани од министерскиот буџет.
„Тоа е навистина незамисливо!“
Една од најголемите нерегуларности, според Стоилковиќ, е вработувањето на лица од редовите на ДУИ.
– 95 проценти од вработените во министерството се Албанци од ДУИ. Институцијата се користела како партиско биро – изјави тој.
Министерот додаде дека откриле десетина случаи на вработени кои не доаѓале на работа, а некои од нив живееле и работеле во странство додека редовно добивале плата.
– Резултатите од ад-хок финансиската ревизија треба да обелоденат „сиот криминал, аздис и незаконско работење“ во министерството за односи меѓу заедниците во изминатите години – заврши Стоилковиќ.