Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ нема да ја поддржат интерпелацијата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, поднесена од Европски фронт.
Како што рече пратеникот Љупчо Пренџов во продолжението на собраниската расправа за интерпелацијата, ДУИ „продава“ лажен патриотизам, а обидот за какво било влошување на меѓуетничките односи не само што не е добро за никого, туку и нема да го врати изгубениот рејтинг на партијата.
Пренџов ја повика ДУИ да се надмине себеси, да ги тргне интерпелациите на страна и да ги поддржи мерките на Владата за подобар стандард и подобар живот на сите граѓани, да се приклучи кон промените и да дејствува како опозиција со соодветни, конструктивни политики.
– Интерпелациите од ДУИ знаеме како ќе завршат. Добро е што координаторот Блерим Беџети веќе не плаче по и за власт, туку за тоа што долго време ќе остане во опозиција. Тешко зборувате, дел од вас нешто пелтечат, немате јасен став, јасни причини и визија. Дефокусот од она што се случува во општеството во слика на лажен патриотизам нiкому не оди во прилог. Обидот за какво било влошување на меѓуетничките односи не е добро и тоа нема да ви го врати изгубениот рејтинг, ниту ќе ви ја врати изгубената доверба кај гласачите. Тоа само носи последици за 99,99 отсто од населението. Треба да ги поддржите мерките на Владата кои се од интерес за сите. Еден збор не кажавте дека покачувањето на пензиите е за сите, дека новиот автопат од Тетово до Гостивар ќе го возиме сите. Таа ваша малодушност што гласачите ја гледаат, во октовмри ќе ви ја соопштат многу појасно зашто очигледно не го разбирате пулсот на обичниот човек. Пред избори не ветуваме омраза и дека ќа ги скараме граѓаните, туку подобар живот – потенцира Пренџов.
ДУИ, како што дополни, треба да се занимава со реформи и мерки за сите граѓани.
– Тоа што беше порано веќе не постои, сега сите сме еднакви пред законите. На земјава не и требаат бесмислени дискусии, туку стабилнот, подобар стандард, просперитет, подобро здравство и образование. Приклучете се на промените како опозиција и делувајте со соодветно оружје. Интерпелациите нема да ги поддржиме, поддржуваме единствено политики за развој на сите, за подобро утре на сите – подвлече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Интерпелацијата за Меџити ја образложи Беџети, истакнувајќи дека Европскиот фронт од првиот вицепремиер и министер бара политичка одговорност и оставка. Како причини за интерпелацијата ги наведе случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.
Меџити во одговорот рече дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата ДУИ да се врати на власт.
Собранието претходно, во рамки на 29. седница, ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути, поднесена од пратеничката група на Левица. Пред пратениците се уште три интерпелации, за работата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени, сите поднесени од коалицијата „Европски фронт“.