Победи Трамп. Овде, во Македонија, мнозинството беа за него. И го избраа, па како и секаде во политиката, не само кај нас, од утредента се наредија кој прв ќе честита, и кој прв ќе му баци рака. Навика пренесена од Балканот и Отоманите.
Украина прва се понуди. Имено, Украинците имаат сајт Миротворец на кој објавуваат имиња, слика и податоци на лица кои се “непријатели и закана за безбедноста на Украина“. На украинската црна листа Трамп е од 2018-та кога изјавил дека “Крим е руски, таму зборуваат руски луѓе“.
На истата црна листа Украинците го ставија и Илон Маск, веројатно најбитен лик, надвор од штабот, за победата на Трамп. Маск е оцрнет како закана за Украина затоа што – не сакал од свој џеб да плати Украинците да ги користат неговите системи Старлинк за сателитска комуникација!
Украинците се посипаа со пепел и веднаш ги тргнаа од нивната црна листа Трамп и Илон Маск, а Русите не се нешто еуфорични од неговата победа. А има и зошто: тој во својот прв мандат ги дополни и засили санкциите кон Русија, а во Москва не веруваат дека има сила и моќ да влијае на кампот кој има профитни интереси од американско учество во руско-украинската војна.
Дали европско-руското пријателство е можно? Што вели поновата историја. Уште кога стана јасно дека Црвената армија од Москва ќе го скрши Вермахтот и прва ќе влезе во Берлин, британскиот премиер Винстон Черчил се плашел од влијанието на СССР во Европа и спремал оперативен план наречен „Незамисливо “ со цел да започне војна против Советскиот Сојуз. Тоа долго беше „една од мрачните тајни“ на Винстон Черчил, која е опишана во книгата на историчарот Џонатан Вокер.
Ни сега не е поинаку. Британија и Германија најавуваат можна војна. Потенцијалот на Трамп е да ги смири европјаните и да ги убеди дека со продолжување на војната Европа ќе влезе во тешка економска и социјална криза, ќе се подели на две страни “За“ и “Против“ учеството во украинската војна и потоа тие две страни ќе започнат тензии меѓу себе заради заштита на сопствените економски интереси. Трамп изјави дека американски војник во тоа нема да учествува. ЕУ – сами сте.
Во такви услови Балкан за европјаните ќе стане важен колку ланскиот снег.
Приказната дека во 1952 година денешната ЕУ е формирана по идеја на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман за Франција и Германија да се смират и соработуваат е естрадната верзија. Приказна за товење на европското его дека се паметни и способни сами да се организираат.
Вистината за процесот на обединување на Западна Европа е американски план за контрола врз Германија да не се “повампири“ и создаде нови војни. Создавање силна заедница, ЕУ, како одбрана од руското влијание и нивните 200 воени дивизии под команда на Црвената Армија. Затоа, во1949-та година е создадена НАТО алијансата, како воена институција од дванаесет држави за заштита и гаранција на планот под контрола на Вашингтон.
Краток опис на ова даде првиот генерален секретар на НАТО, лорд Исмај (британски генерал), кој ги наведе клучните цели за формирање на Алијансата: 1) Германија под контрола, 2) СССР надвор од Европа и 3) Америка. во Европа!
Накусо, победата на Трамп е битна, многу битна, затоа што Трамп е застапник на враќање на Европа во нормала, секако под американска контрола, но без лудите идеи да се влезе во војна со Русија која, секако, ќе заврши како нуклеарна. Без контрола на САД, Европа е пожежок котел и од балканското буре барут.
А што покажаа изборите во САД и победата на Трамп што би можело да поврзе со нашите интереси и состојби? Пред се поттик за враќање на ред во општеството, намалување на влијанието од “невладиниот сектор“ врз легално избраните влади и со закон воспоставените институции. Враќање на институциите на државата.
Трамп победи. Против него беа сите големи американски телевизии под контрола на Демократите, против него работеа големите технолошки и информативни системи, речиси сите “невладини“ организации... Го гонеа за се: од обвинувања за силување до проневера на пари, од поттикнување немири во Парламентот до естрадни скандали, за расизам... Најпосле, преживеа и атентат. И победи.
Доби поддршка само од интернет портали и од Илон Маск преку неговата мрежа Икс (Твитер). Доволно да му се чуе гласот и да ги каже политиките. И стави во ќош цел еден медиумско-финансиски и “невладин“ систем кој сега трепери во исчекување. Трамп најави промена на судии, измена на закони, истрага каде исчезнале 1,1 милијарда долари од потрошените 2,5 милијарди долари преку Пентагон за помош на Украина. Сомневање утврдено од надлежна ревизија.
Целиот тој амбиент многу личи на на прогонот кој СДСМ и ДУИ го создаваа против своите политички противници. И крајот е ист, пораз на тортурата. Доволно за поука дека тортурата не носи победа туку подига сомневања, гнев и носи пораз.
Овдешното соросоидно друштво, преторијанската гарда на СДСМ и ДУИ, се уште не може да се помири со победата на Трамп и пораз на нивните интереси.
А нашата влада? Мицкоски, како што е ред, честиташе победа и посака уште подобри односи особено на економски план и во правец на инвестиции. Потоа, замина за Будимпешта каде учествуваше на самит на сите европски лидери, плус НАТО и имаше респективен прием како и важна средба со францускиот претседател Макрон. Тема, секако, бугарската блокада за Македонија во ЕУ.
Макрон знае зошто Мицкоски би дошол на таква средба и, ако нема воља кај него да разговара за бугарското вето, до средба не би ни дошло. Но, очигледно Макрон имал причина да ги слушне аргументите на Мицкоски, и да размислува за нив. За почеток, повеќе од доволно да се респектираат и македонските интереси.
И додека овде соросоидите плачеа затоа што по поразот на нивните таму ќе ја губат контрола над СДСМ, над судството и обвинителството, над медиумите и социјалните мрежи, дека им се заканува гаснење на фондовите и алиментациите од буџетот... Тие денови, владата преку министерот Александар Николоски најави градба на станови со што во наредниот период од пар години се очекува влијание врз намалување на цените на становите дури за 30%! Е, тоа е она што се чекаше.
Додека владата правела план за државни ефтини станови, Зааев и Филипче лумпувале во Дубаи. Секако со државните пари од времето на власт. Луксузно ги мочаа од ќерамиди сопствените граѓани и, особено, нивните гласачи. Накусо, Заев и Филипче во Дубаи ставија точка на приказната за овој СДСМ како партија, и тоа на подолг период. Го легитимираа како банда раскалашени развратници и искомплексирани провинцијалци без срам и без каење за своите лоповлуци, за урнатиот државен и национален систем кој го ограбија, и напуштија.
Да, го напуштаат веќе. Еве, уште една тема за нив: Имаат ли Заев и Филипче, сосе фамилиите, добиено златна виза од Арапските емирати на 10 години која се дава на крупни инвеститори. А чии пари тие инвестирале за златната виза? Патем, колку што знам, Емиратите немаат договор со Македонија за екстрадиција на криминалци. Значи, работат луѓето, не чекаат ние да ги затекнеме неспремни.
Во Дубаи е и нарко шефот Шеваљ Муареми од Грчец. Пријател на Зоран Заев. Во Дубаи, на снимката, заедно со Заев и Филипче, го видовме и Славе Распашковски, “бизнисмен“ кој во 2004-та од власта на СДСМ купи фабрика за автобуси од Скопје за 1,5 милиони евра. Помалку од цената на автомобилите на Заеви. Фабриката никогаш не проработи, освен кога Заев како тазе премиер, го промовираше Распашкоски и неговото производство на 5 автобуси Санос, од фирма која имала дури тројца вработени. “Бизнисменот“ и премиерот ги гледаме заедно во Дубаи.
Ноќта во Дуаби беше ладен туш за СДСМ и бандата. Што би рекол Џеј Рамадановски “Ова ноќ није био мој дан“... А ноќта за СДСМ е долга. Многу долга.
И на крај, не сакам да детализирам од почит кон МПЦ, но не сакам ни да премолчам од почит кон себе и стотици иљади Македонци кои се верници или, како и јас, се крстени во МПЦ. За скандалот на МПЦ со доделувањето орден Свети Николај на Сашо Мијалков од страна на брегалничкиот митрополит Илирион, во присуство на поглаварот на МПЦ, ГГ Стефан, затоа што дал пари, бил ктитор, за градбата на малата црква Свети Димитриј во Ново Село, штипско.
Може Сашо Мијалков да дава колку сака пари за цркви. Има толку гревови што во Македонија нема толку цркви за покајание. Тоа си е негова одлука, иако потеклото на пари не е познато но, која е пораката да му се додели орден од страна на МПЦ?
ГГ Стефан добро знае што е тоа ИНДУЛГЕНЦИЈА. За оние кои не знаат тоа е кога папата зема пари од “извесни лица“ и им дава хартија за опрост на гревовите. Во тоа време немало ордени за таа намена. Во 1517 година свештеникот и теолог Мартин Лутер се побунил против оваа перверзија и комерцијализација на религијата, ги објавил своите 95 тези и, потоа, почнува поделба на Католичката црква и создавање на протестантите. Дали ГГ Стефан сака да биде македонски Папа Леон Десетти кој делел индулгенции за пари во времето на Мартин Лутер?
Парите на Сашо Мијалков се валкани пари. Секоја пара оттаму ја валка црквата.
По се изгледа, и за Илирион и ГГ Стефан, “ова ноќ ние био њихов дан“.
Д.П. Латас
(10.11.2024)