Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска оствари средба со семејства на загинати бранители и со претставници од Здружението на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на државава, „Херои на Македонија 2001-2015“.
Претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски, се заблагодари за организацијата на настанот, каде отворено се дискутираше за предизвиците со што секојдневно се соочуваат семејствата, а со тоа се оддава почит на бранителите, се додава во соопштението на Министерството за одбрана.
За време на средбата, каде се разговараше за прашања што се од особена важност за семејствата на загинатите бранители, министерот Мисајловски истакна дека грижата за семејствата на бранителите ќе продолжи и дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“, достојно ќе се негува и чува споменот на македонските херои.
"Знајте дека со цело срце ве почитувам сите вас, она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас," напиша Мисајловски на својот профил по повод состанокот.