На овогодинешниот CES, Goodyear демонстрираше иновативна
технологија за паметни гуми што треба да придонесе за безбедноста на патиштата.
Во соработка со холандската истражувачка организација TNO,
Goodyear разви гуми со вградени сензори кои можат да детектираат лизгави и
опасни услови на патот и да соработуваат со напредни системи за помош во
автомобилите.
Оваа технологија, инаку наречена SightLine, е дизајнирана да
ги подобри системите за автоматско сопирање во итни случаи (AEB). Со откривање
на препреки на патот и опасни услови, системот може порано да ги активира
сопирачките, намалувајќи го ризикот од судир.
Од Goodyear велат дека оваа технологија овозможува
побезбедно запирање на возилата дури и на лизгави површини како што се натопени
од дожд, снежни или замрзнати патишта и дека системот е ефикасен при брзина до
80 km/h.
Goodyear првпат ја претстави оваа технологија во 2021
година, како збир на иновативни решенија кои им овозможуваат на гумите да го следат
притисокот, да го анализираат нивото на триење помеѓу гумата и патот и да
детектираат абење на гумите.
„Технологијата е достапна и навистина е само продолжение на
некои други проекти на кои работиме неколку години. Успех би бил доколку
автомобилските производители ни пристапат и побараат од нас да им помогнеме да
ги исполнат прописите“, рече Крис Хелсел, потпретседател на глобални иновации и
главен директор за технологија на Goodyear.
Сè уште не е познато кога технологијата ќе биде достапна.<span style="mso-ansi-language:EN-US"> <span lang="EN-US"></span></span>