„Во таква ситуација како да се прекина границата меѓу возрасните и невозрасните. Сите луѓе, знаете, некако се зближија еден до друг. И сите се обидуваа да си помогнат“.
14-годишниот Артјом Филимонов, кој хонорарноработел во концерт салата Крокус во Москва на денот на терористичкиот напад, раскажал како се случила евакуацијата која тој ја предводел помагајќи им на стотици приустни да излезат по најкусиот и најбрз пат надвор, и да се спасат од терористите.
Според него, пет минути пред третото ѕвоно се слушнал звук кој наликувал на „некаков пад“, или на вагон од метрото што минувал во близина.
„Кога толпата [веќе] влезе во сервисните коридори, бидејќи добивавме инструкции што да правиме во случај на терористички напад, се обидов да ги координирам луѓето. И кога излегоа надвор се обидов некако да ги смирам. Тогаш сите луѓе истрчаа во друга зграда“.
Според него, персоналот или ги водел луѓето или давал насоки каде да одат. Најголем дел од вработените во кулоарите, гардеробата или контрола на билети се ученици или студенти.
Кога одекнаа истрели, неколку стотици луѓе се обидоа да се пробијат низ тесните врати на минус првиот кат, настана голем хаос:
„Имам само една снимка како стојам во оваа толпа која сè уште се обидува да се притисне низ оваа врата. Ова е моментот кога го доживеав мојот најголем страв. Кога целата оваа толпа се стиска, стиска и звуците на пукање од митралез, тие само се приближуваат и се приближуваат, се погласни и погласни“.
Тој нагласи дека многу се плаши за луѓето кои се во паника и одлучи дека треба прво да им помогне на нив, а не на себе.