Кога си на врвот секој следен чекор – води надолу кон дното. Колку поголем е теретот од кешот и насилно стекнатата моќ, толку падот е по болен и по долен.
Македонија имала шест премиери, пет ги знам лично, плус Димитар Ковачевски кој на таа функција е залутан лик но, како и во животот – не е до тоа колку е она убава, него колку ти си бил пијан кога си ја прибрал, па се чудиш сабајле што бара крај тебе.
Првиот, Никола Кљусев, беше оригинален, филмски лик. Со персоналитет, образован човек кој има дух на секоја ситуација да гледа позитивно, а секоја чаша да му биде полуполна, а не полупразна. Искрено влезен во борба за Македонија и за секој Македонец – буквално.
Еве пример: Кога почна војната во Југославија, 1992., во договор со легендарниот директор на првата македонска авио компанија Палер, Вања Битољану, организираа тајно евакуирање на македонските војници од ЈНА кои се наоѓаа во Хрватска.
Војниците тајно заминаа за Будимпешта а, оттаму, Палер тајно ги превезе до Охрид. Последниот авион кој го напушти воено Сараево беше авион на Палер кој ги донесе Македонците пред да станат жртви на војната. Тоа беа опасни времиња, се губеше глава за вакви нешта, но тоа беше небитно за Кљусев.
Кљусев не им се допаѓаше на неокомунистите Перо Гошев и Киро Глигоров. Беше премногу “македонски“ за нивни вкус. Решија да го сменат. А како? Па стандардно, како и денеска. Се договорија со Албанците од ПДП да ја урнат владата и да го донесат Бранко Црвенковски како “нова надеж, ново лице“ на Македонија, стана премиер на 30 години, без победа на избори. Значи, не е таа шема од денеска.
Црвенковски е промотер на концептот – во секоја влада мора да има партија на македонските Албанци, во тоа време ПДП, каде пратеник а потоа (1994-98) министер кај Црвенковски беше Невзат Халили, застапник на Илирида и поделба на Македонија. Членска карта бр.2 во ПДП имаше Македонец... Ај, за тоа во следната прилика.
ПДП не гласаа за првиот македонски Устав, што е планиран потег, ковертиран за идни времиња кој, потоа, Али Ахмети и УЧК ќе го искористат како мотив за воениот државен удар во Македонија во 2001 година.
Кога во 1992 година ќе се откријат албански вооружени групи во Македонија, фактички основање на подоцнежната УЧК, кои се под контрола на ПДП, Невзат Халили избега во Косово, а беа уапсени генералниот секретар на ПДП Мидхат Емини и заменик министерот за одбрана од ПДП Хусен Хаскај.
Киро Глигоров ги ослободи со претседателски акт, и го донесе Бранко Црвенковски за премиер. ПДП, наместо распуштање на партијата заради организирање вооружена побуна – ќе стане дел од власта на сегашниот СДСМ и така создадената коалиција ќе блокира владеење на ВМРО, иако победиле за избори. Познато, а?
Искуството е капитал во политиката, и новинарството. И искуството вели дека ова денес е последица на она вчера, а од сето тоа може да пресмета што следи утре.
Таа влада СДСМ/ПДП го смени државното знаме, прифати ребус име ФИРОМ наместо името Македонија, изврши приватизација со околу 200.000 откази, додели над 50.000 државјанства на косовари по разни основи... Темпирана бомба за сите настани потоа, од војната во 2001 до Шарената револуција и сето ова денес.
Но, како и да е, кога ќе ги земам сите отежителни и олеснителни околности за премеирот Бранко Црвенковски, мојата пресуда е 51% позитивна за него. Знам, многумина мислат поинаку и имаат куп причини за тоа, но – јас мислам така.
Тие клучни проценти за да се заклучи позитива произлегуваат од фактот што Црвенковски одби да добие “власт на тацна“ од странство но, да го изврши она што Заев го направи: уривање на целосен правен и безбедносен систем, промена на уставното име, двојазичност на цела територија и продажба на идентитетот. А можеше да се согласи, и ден денес ќе беше премиер ако го прифатеше тоа.
Хари Костов беше кратко време премиер но, за тие пет-шест месеци покажа повеќе одважност, принципиелност и персоналитет од многумина.
Кога ДУИ се испазарија со СДСМ да добијат плац на плоштад Македонија за 25 евра по квадрат со одлука на тогашниот министер Агрон Буџаку, Хари Костов им стави забрана. А откако Агрон Буџаку во јули 2004. му кажа, јавно, дека на него шеф му е Али Ахмети а не Хари Костов, коалицијата падна во криза. СДСМ не застана зад својот премиер Хари Костов и тој, курчевито, им даде оставка и се врати во Комерцијална банка. Покажа дека не е на функција за спотер што потпишува местени тендери.
За Љубчо не би трошел време. Он и онака ни потроши многу време на нас, залудно, и донесе луѓе во заблуда дека е “војвода“ кој се бори за Македонија но, под бугарско знаме и идеологија, и замина срамно од сцената како “просечно богат бизнисмен“ кој и ден денес раскошно, со државни пари, шета по Швајцарија и доаѓа само пред избори. Заврши, заедно со Љубе Бошковски, како коалиционен партнер на СДСМ. Бедно.
Него за премиер го донесе Циле Тупурковски со пратениците од ДА, а било кој успех на таа влада е поврзан со Никола Грувски, тогашен министер. Памтам како со Црвенковски, за изборите во 2002. кои ВМРО ги загуби и се единствена победа на СДСМ на избори, се договараа заедно да полнат кутии за партијата на Љубчо да има повеќе од 320.000 гласови, колку што имаше кога во 1998. Љубчо дојде на власт. Да не замине како беден лузер со мизерен број гласови.
Љубчо Георгиевски, со неговата трговија низ неконтролирано купување воена техника во 2001 година, заедно со Бучковски, станаа воени профитери. Бучковски беше суден, Георгиевски се испазари да не настрада, да се повлече мирно, а потоа му се реваншираше на СДСМ со уривање на Гриуевски и влезе во коалација со Црвенковски. Нешто видено подоцна од страна на Сашо Мијалков, Ивица Коневски и Никола Тодоров со обидот за пуч против Христијан Мицкоски.
Следниот премиер, со најдолг премиерски мандат во Македонија во континуитет, беше Никола Груевски. Единстевн шеф на било која партија која на избори што освоила апсолутно мнозинство, односно повеќе од 61 пратеник.
Неговата трага е свежа, отпечатокот на владеење се гледа преку сите јавни објекти, булевари, факултети, автопати, реформи, стипендии, спортски и економски бројки и странски инвестиции... што останаа зад неговата влада. Кога дојде земјоделците имаа субвенции од 6 милиони евра, кога замина имаа 170 милиони евра субвенции. Со него ВМРО ДПМНЕ создаде стандард дека влада од таа партија значи влада на проекти, реформи, социјална сигурност и национален дигнитет. Тоа важи и денес.
Груевски во своето владеење имаше две фази: од 2006 до крај на 2013 кога диктираше темпо, имаше контрола врз проектите и состојбите и секоја наредна година имавме подобри економски и социјални резултати, меѓунардно нотирани, а после 30 години почна и да се обновува националниот идентитет.
Последните три беа поинакви. Од “меурот на полицијата“ се создаваа кланови, интриги, лажни закани и непријатели на Груевски од кои тие го “штитат“, адвокати блиски на полицијата поставуваа свои љубовници за претседателки на судови, се создаде мантра: Ти Груевски гледај ги крупниве работи, добро ти оди, не губи време и енергија на “ситници“, тоа ќе го решиме ние. И, го решија. Видовме како.
Лично сум бил присутен кога “полицискиот меур“ успеа да запре истрага против Палчо за објавување на телефонски разговори преку Јутјуб каналот Никола Тесла иако Груевски директно, па и грубо, бараше тоа да се спроведе. “Полицискиот меур“ го поштеди Палчо за да не објавува за нив, а за другите – нема проблем.
Со Иво Ивановски, ете го жив и здрав како директор во А1 Телеком Австрија, сведок е дека по долго прибирање факти и документи заедно од Груевски баравме ревизија на тендерот за компјутери преку српски добавувач, реализиран преку Жаре Ериксон, тогаш од Телеком, и “полицискиот меур“ тендер за каков веќе имаше истрага во Албанија, за иста работа со ист партнер.
“Полицискиот меур“ ја спречи ревизијата, Иво Ивановски виде колку е саат и против кого треба да се бори и во 2015. паметно си замина, а јас од “полицискиот меур“ и претседателката на суд од тој клан добив ревизија на претходно веќе извршна пресуда во моја полза.
Нејзиниот Врховен суд ја преиначи и пресуди по што и ден денес плаќам. Одмазда од “полицискиот меур“ за тендерот против кој се боревме со Иво Ивановски.
Освен Црвенковски, и Груевски имаше понуда од странство да ги изврши сите гадости кои ги заврши Заев, и да остане на власт. Во спротивно, мирно да се повлече и остави тоа да го заврши друг. Груевски одби да спроведе уривање на држава и државен систем но, за разлика од Црвенковски, одби и да се повлече.
Се потоа – е познато. Дојде Заев и од Македонија остана руина од држава владеена од нарко картели, политиканти, тендераши и целосно урнат систем и институции.
Следи влада од ВМРО ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, освен ако не удри некој метеор во мај сред Македонија.
Христијан Мицкоски, тврдам, ќе биде најстручен премиер кој Македонија го имала. Манијанкално опседнат да истражува секој проблем и проект до детал и, ако некој оди да преговара и полемизира околу некоја тема со него, мора прилично добро да се спреми. Нешто како усовршена варијанта на повисоко ниво од првите години на Груевски, плус широко образование и однапред познати принципи.
Тука нема да има промашување со проектите, а начинот како ја контролира локалната власт на ВМРО ДПМНЕ покажува дека можноста за корупција е сведена на минимум. Да кажеме на нула, тоа не постои никаде, секогаш има исклучоци и падобранци, но на минимум корупција кај извршителите на функции од неговата партија ширум Македонија.
Кај него Артан Груби не би преживеал политички ни саат време. Таквите нека не се надеваат. Оние кои се како новиот министер за полиција Панче Тошковски нека се загреваат за на терен.
Искуството во политиката, па и новинарстово е капитал, ниту се наследува ниту се купува со пари. Се користи, и свето и туѓото. А моето искуство и од оваа приказна е: јасно е дека и каде сме грешеле, можеш еднаш да се сопнеш на камен, да згрешиш, стани и продолжи понатаму. Но, ако се сопнуваш постојано, кај тебе е кривицата.
Случајот на Друже Заев и лејкана Таче покажува дека кога магаре ќе влезе во палата, не станува магарето крал него палатата станува штала. Па ти сега види што бираш, а имаш избори...
Искуството, од овие простори барем, покажало: Тито владееше успешно со Југославија додека власта ја спроведуваа неговите соборци и генерали од НОБ... Кога навлегоа глумците, неговата политика стана театар. А театарот донесе корупција, корупцијата донесе војна, како што се случувало секогаш. И секаде.
Д,П, Латас
(16.03.2024)