Покојната принцеза Дијана имаше само 36 години кога загина во трагична сообраќајна несреќа во тунелот Понт де л'Алма во Париз. Тоа се случи во 1997 година, кога нејзините синови Хари и Вилијам беа само тинејџери.
Веројатно не би очекувале некој толку млад да има напишан тестамент, но со оглед на тоа дека Дијана потекнувала од аристократско семејство и претходно била во брак со наследникот на британскиот трон, зад себе оставила писмен тестамент во кој пишува како треба да се распредели нејзиното богатство кога ќе ја нема.
Принцезата Дијана во моментот на смртта, како што пренесува британски Мирор, „тежела“ 21 милион фунти. Дел од парите дојдоа од нејзиниот договор за развод со тогашниот принц Чарлс, како и од нејзиниот накит, автомобили и други лични предмети. Дел од имотот бил „изеден“ од данокот на наследство по нејзината смрт, но се вели дека има уште 13 милиони фунти.
Дијана го оставила најголемиот дел од своето богатство на синовите Вилијам и Хари, но тие не биле единствените нејзини наследници. Дел од парите, во износ од 50 илјади фунти, ги добил верниот батлер на Дијана, Пол Бурел, а нешто наследиле и некои од нејзините 17 кумчиња.
Во тестаментот Дијана го вклучила и таканаречениот „дискреционен фонд“, од кој средства биле наменети за нејзините синови и нивните идни сопруги и деца. Тогаш во фондот имало околу 100 илјади фунти, освен акумулирани камати и приходи од средствата на фондот.
Со исклучок на сето горенаведено, она што остана од имотот на Дијана требаше да се подели подеднакво меѓу принцот Вилијам и принцот Хари, кои имаа 15 и 12 години во моментот на нејзината смрт. Мирор пренесува дека за нив била наменета сумата од 13 милиони фунти, која по оданочување е намалена на 8,5 милиони фунти.
Тоа богатство дополнително се инвестирало, а до моментот кога браќата можеле да го бараат своето наследство, тоа пораснало на неверојатни 20 милиони фунти. Дијана посочи дека нејзините синови можат да земат дел од наследството на 25 години, а остатокот кога ќе наполнат 30. Откако Хари и Меган се разделија од кралското семејство, тие живееја од парите што мајка им ги остави во наследство. Хари, имено, тогаш беше „отсечен“ од семејниот приход.
„Го имав она што ми го остави мајка ми, без тоа немаше да можеме да го направиме ова. Тоа е како да предвидела дека ќе се случи и како да беше со нас во текот на целиот процес“, рече тој во едно интервју што тој и Меган и го дадоа на Опра Винфри.
Ден откако го потпишала оригиналниот тестамент, Лејди Ди подготвила дополнителен документ наречен „Писмо за желби“, во кое навела што сака да прави со нејзиниот накит и други материјални добра. Во писмото се бара 75 отсто од тие лични предмети, познати како „подвижни предмети“ во Обединетото Кралство, да бидат подеднакво поделени меѓу Вилијам и Хари.
Наводно, таа дури и експлицитно навела во писмото дека се надева оти можните сопруги на нејзините синови еден ден ќе можат да го носат нејзиниот накит. Останатите 25 отсто од движниот имот требало да одат кај нејзините кумчиња.
Дел од имотот кој паднал во сопственост на Вилијам и Хари по смртта на нивната мајка бил и нејзината венчаница. Фустанот, дизајниран од Дејвид и Елизабет Емануел, чијшто шлеп останува најдолгиот во историјата на британската кралска свадба, отиде кај принцовите како дел од нејзиниот тестамент. Сепак, на нејзините синови им требаше долго време да го добијат фустанот.
Како и остатокот од преостанатото наследство, тоа станало сопственост на нејзините синови кога наполниле 30 години. Пред тоа беше дел од колекцијата што му припаѓаше на братот на Дијана, Ерл Спенсер. На 30-тиот роденден на Хари во септември 2014 година, свилениот фустан кој го одзема здивот конечно премина од рацете на Спенсер кај неговите внуци.
По смртта на Дијана, на секој од нејзините синови му беше дозволено да избере „за спомен“ некои од нејзините омилени работи во палатата Кенсингтон.
Принцот Вилијам избра златен часовник Cartier Tank Française, оној што ѝ го подари на Дајана нејзиниот татко. По разводот, Дијана често била фатена како го носи овој часовник, а Вилијам знаел дека мајка му би сакала да го има.
Споменот што Хари го избра е неверојатен прстен од 12 карати од сафир и дијамант што принцот Чарлс и го купил на својата идна невеста во 1981 година. Сепак, браќата наводно се договориле оној кој прв ќе се сврши да може да и го даде прстенот на својата вереница.
Така, кога Вилијам се подготвувал да ја запроси Кејт Мидлтон, Хари му го дал прстенот на својот постар брат. Исто така, Хари и оддаде почит на својата покојна мајка со неговата свршувачка. Самиот го дизајнираше прстенот на Меган, а двата помали дијаманти дојдоа од личната колекција на Дијана.