Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека нејзината влада е подготвена да продолжи со планот за отворање центри за мигранти во Албанија.
Мелони на годишната прес-конференција рече дека Европскиот суд ќе започне да го разгледува случајот во февруари и додаде дека повеќето членки на ЕУ го поддржуваат планот на Италија за албанските мигрантски кампови, пренесува Ројтерс.
Минатата година Мелони постигна договор со Тирана според кој дел од мигрантите кои Италија ги спаси на море ќе бидат префрлени во овие центри во Албанија, со цел да се намали бројот на мигранти кои доаѓаат од Африка, но тој план наиде на отпор во судските кругови бидејќи судиите го поставија прашањето за неговата компатибилност со законодавството на Европската Унија.
Првите две групи мигранти кои биле сместени во центри во Албанија морале да бидат префрлени во Италија, поради што тие објекти останале празни, потсетува агенцијата.
Италијанскиот премиер денеска ја коментираше можноста САД, под новоизбраниот претседател Доналд Трамп, да употребат воена сила за стекнување нови територии.
Таа изрази уверување дека тоа е „неверојатно“ и додаде дека ја исклучува можноста САД да се обидат насилно да анектираат територии како Гренланд или Панама во наредните години.
Мелони на конференцијата изјави и дека нема намера да го премести својот заменик Матео Салвини на позицијата министер за внатрешни работи.
„Мислам дека тоа не е на дневен ред“, рече Мелони, додавајќи дека се противи на поширока реконструкција на владата по повеќе од две години на власт.
Салвини, лидерот на екстремно десничарската партија Лига, моментално ја извршува функцијата вицепремиер и министер за транспорт и инфраструктура.