Турските серии со години се популарни кај нас, а серијата „Сулејман Величествениот“ беше меѓу најгледаните. Во серијата можеше да се види реплика на палатата во Истанбул која е направена специјално за снимањето, каде верно се прикажани одаите на султанот, како и оние во харемот, ходникот, градината, па дури и бањата или амамот како што се нарекувал порано.
Познато е колку Турците се грижеле за чистотата, па бањите биле суштински дел од секоја куќа, а со самото тоа и во палатата. Во Истанбул може да се посетат палатите на султаните како Топкапи и палатата Долмабахче, а за тоа задоволство ќе треба да издвоите околу 40 евра. Меѓутоа, она што не се прикажува во серијата и што не ви го покажуваат дури и кога ги посетувате палатите е тоалетот.
На интернет има фотографии од тоалетите во палатата Топкапи каде султанот и неговото многубројно семејство и слуги биле сместени со векови. Тоалетот многу потсетува на некогашниот таканаречен полски тоалет кај нас, во кој имало „чучавец“, а кој се наоѓал надвор од куќите.
Специфично за тоалетите во палатите е тоа што биле обложени со мермер, а веднаш до тоалетот имало чешма за хигиената да се одржува на високо ниво.
Овој тип на тоалети се уште е вообичаен во Турција и се нарекува „алатурка“. Тоалетите алатурка се традиционални турски тоалети. Тие бараат од корисниците да клекнат над дупка во земјата. Дизајнот нагласува минимален контакт со површината на отворот на тоалетот, кој според локалните стандарди се смета за похигиенски.