Германските дипломати деновиве имаат полни раце работа. Откако Брисел објави дека ќе ги зголеми царините за кинеските електрични возила, Пекинг реагираше бурно и вети дека ќе возврати со иста мерка. Берлин тогаш се најде во нималку посакувана ситуација.
Од една страна, тој мора да покаже дека го поддржува Брисел, а од друга страна, не сака премногу да ја налути Кина, која може да удри по германската автомобилска индустрија како форма на одмазда.
Беше јасно дека ЕУ во одреден момент ќе воведе царини за кинеските електрични возила, особено откако САД го направија истото во мај.
Увозот на кинески електрични возила во Европа значително порасна во последниве години: повеќе од двојно се зголеми меѓу 2021 и 2023 година, на вкупно 430.000 возила годишно, во вредност од десет милијарди евра, проценува Петерсон Институтот за меѓународна економија.
Денес, секој петти продаден електричен автомобил во ЕУ доаѓа од Кина. Од друга страна, ЕУ извезува занемарлив број е-возила во Кина, што создаде загриженост во Брисел дека домашната индустрија ќе пропадне.
Затоа Европската комисија започна истрага за тоа како Кина успеала толку брзо да го преплави европскиот пазар со своите производи.
Тие заклучија дека причината се државните субвенции кои на кинеските компании им дадоа предност на пазарот бидејќи можат да извезуваат возила по многу пониска цена од нивните конкуренти.
Кина обезбедува поволни субвенции за своите компании за зелена технологија кои се поголеми од кои било субвенции од САД или ЕУ. Кинеските производители, исто така, имаат корист од повластен пристап до критичните суровини, како што е литиумот потребен за производство на батерии, како и присилниот трансфер на технологија со кој кинеската влада ги принудува странските компании да ја споделат нивната технологија, вклучително и интелектуалната сопственост. Кинеските производители на електрични возила не мора да трошат енергија на бирократија во иста мера како и нивните глобални конкуренти.
Европските тарифи за кинеските е-возила ќе стапат на сила на 5 јули. Од тој датум, кинеските компании ќе мора да плаќаат тарифи до 38,1 отсто за електричните автомобили што ги увезуваат во Европа. Но, оние кои соработувале со Европската комисија во истрагата ќе плаќаат нешто пониски царини. На пример, возилата BYD, кои досега чинат 30.000 евра, од следниот месец ќе поскапат за околу 5.200 евра.
Европската комисија ја остави вратата отворена и рече дека сè уште е подготвена да ги повлече новите царини доколку Кина престане да издава субвенции. Но, тешко дека тоа ќе се случи бидејќи во моментов Брисел нема ништо на располагање што би можело да го принуди Пекинг да го промени своето однесување.
Аналитичарите проценуваат дека царините за кинеските возила во Европа во најдобар случај би можеле да имаат влијание само за краток период. Долгорочно, анализите покажуваат дека кинеските компании на крајот ќе го апсорбираат товарот на увозните давачки и дека по првичниот пад на продажбата, наскоро ќе се вратат на врвот бидејќи и со новите цени ќе бидат поповолни од европските електрични возила.
На пример, истражувањето на Rhodium Group покажа дека тарифите во опсег од 40 до 50 проценти, а можеби и уште повисоки за производителите како BYD, се потребни за да се направи европскиот пазар непривлечен за кинеските извозници на електрични возила.
Новите царини би можеле да доведат до трговска војна меѓу ЕУ и Кина, во која најмногу ќе настрада Германија.
Имено, Пекинг веќе објави дека планира да воведе царини од 25 отсто за увозните автомобили со големи мотори.
Ваквиот потег особено ќе им наштети на германските производители на автомобили Мерцедес-Бенц и БМВ.
Затоа во Кина замина германскиот министер за економија Роберт Хабек, кој преку политичко балансирање ќе се обиде да го избегне најлошото можно сценарио за својата земја.
А другите европски земји не сакаат влошувањето на трговската соработка меѓу Брисел и Пекинг да има негативно влијание врз нивните економии.
Ова е причината зошто лидерите на земјите од Г7 во Италија разговараа за изградба на разновидни синџири на снабдување и создавање поотпорни економии. Водачите, исто така, рекоа дека ќе преземат акција против „нефер практики“ за да се „израмни теренот за игра и да се поправи сегашната штета“.
„Ја изразуваме нашата загриженост за постојаното индустриско таргетирање на Кина и продорните непазарни политики и практики кои водат до глобални прелевања, нарушувања на пазарот и штетен прекумерен капацитет во поголем број сектори, поткопувајќи ги нашите работници, индустрии и економската отпорност и безбедност“, се вели во заедничката изјава на лидерите на групата Г7.
Засега нема детали какви точно мерки би можеле да воведат богатите земји во Кина, веројатно затоа што сè уште не можат да се договорат меѓу себе колку силно треба да му се спротивстават на Пекинг.
Олаф Шолц и Емануел Макрон сигурно ќе го блокираат секој обид за наметнување остри мерки, што може да доведе до кинеска одмазда што ќе им наштети на нивните економии.
„Нашата цел мора да биде да создадеме потпора за да ја убедиме Кина да се вклучи. Без таква потпора, Кина едноставно ги игнорира нашите барања за еднакви услови“, рече шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на лидерите на Г7.
Додека тоа не се случи, Кина ќе продолжи да се збогатува на профитабилниот европски пазар на зелена технологија.