Италијанската премиерка Џорџа Мелони порача дека се согласува со изјавата на американскиот милијардер Илон Маск дека американскиот финансиер Џорџ Сорос се меша во внатрешните прашања на други држави и додаде дека Маск не го прави тоа.
„Проблем е кога овие луѓе користат ресурси за финансирање партии и здруженија низ светот за да влијаат на политиката, што сметам дека Маск не го прави за разлика од Сорос“, кажа Мелони.
Шефицата на италијанската влада истакна дека не зема пари од Маск, но дека други земале од Сорос. Коментирајќи ја поддршката на Маск на Алтернатива за Германија (АфД) и критиката на германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, Мелони потсети на наводното неодамнешно германско мешање во италијанската политика.
„Би сакала да потсетам на мешањето на германската страна во италијанските општи избори“, кажа Мелони, мислејќи на загриженоста на Берлин поради нејзините десничарски ставови.
Мелони додаде дека никогаш не разговарала со милијардерот Илон Маск за потенцијален договор на неговата компанија Старлинк и италијанската војска. Таа кажа дека размислувала за договор со Старлинк за снабдување на италијанската војска со безбедносни комуникации исклучиво низ призмата на националниот интерес.