Викендов, во рамките од новото коло во Премиер лигата, се игра најголемото дерби на англискиот фудбал. Тимот на Ливерпул го пречекува Манчестер Јунајтед на свој терен, во меч во кој ќе бидат вперени очите на целата планета.
Двата тима се на дијаметрално спротивни страни. Ливерпул во моментов „гази“. Новиот стратег Арне Слот не можеше подобро да се вклопи, тимот е лидер во сите конкуренции.
Од друга страна пак Манчестер Јунајтед е речиси пред колапс, на играчки и резултатски план. Се наоѓа во долниот дел на табелата, новиот менаџер Аморим, слично како и неговите претходници не може да ја поправи ситуацијата, и од меч во меч се изгледа се полошо.
Па така, како најава за дербито кое патем се игра в недела од 17:30 часот, менаџерот на Ливерпул го најави дуелот како нешто што не смее да се пропушти, а се зачуди на прашањето дали ќе одмори некои играчи.
„Чудно прашање. Не, не планирам, тоа е важен натпревар, го кажав тоа пред првиот натпревар и уште еднаш, тие имаат многу подобри играчи отколку што покажува првенствената табела. Ќе треба малку време, можеби за Рубен, но тие дефинитивно ќе одат нагоре и се многу, многу подобри отколку што покажува првенствената табела“, рече Арне Слот.
„Секој менаџер сочувствува со другите бидејќи сите знаеме колку е тешка оваа работа. Голем притисок се чувствува, но ни се допаѓа, инаку не би го правеле тоа. Аморим беше одличен во Спортинг“, продолжи Холанѓанецот.
„Секој натпревар е тежок во Премиер лигата, квалитетни играчи кои сметаат дека ова е шанса повторно да ги направат своите навивачи горди. За нив е поважно да победуваат на „Енфилд“, мора да бидеме навистина добро подготвени“, додаде Слот.