Хрватска од самиот почеток силно ја поддржува Црна Гора на нејзиниот европски пат, но мора да реши некои прашања кои не се од билатерална, туку од универзална природа, изјави денеска во Брисел хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман.
Црна Гора вечер ќе затвори три преговарачки поглавја, а четвртото за кое земјата беше подготвена нема да биде затворено поради противењето на Хрватска.
-Овде нема потреба да се зборува за блокадата, Хрватска силно ја поддржува Црна Гора сите овие години од моментот кога ги започна преговорите со ЕУ, рече Грлиќ Радман, кој учествува на состанокот за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел.
Но, има одредени прашања кои не се од билатерална природа, хуманитарни и цивилизациски прашања, кои се универзални, додаде хрватскиот министер.
-Хрватска сигурно нема да ги стави билатералните прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, туку прашањето за исчезнатите лица за време на Хрватската војна за независност, прашањето за обештетувањето на затворениците, тоа се теми кои мора да не засегаат сите нас во рамките на Европската унија, а не само Хрватска, рече Грлиќ Радман.
Црна Гора вечерва ќе затвори три поглавја: Закон за интелектуална сопственост, Информатичко општество и медиуми и Претприемништво и индустриска политика. За поглавјето Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, во која се вклучени и добрососедските односи, Хрватска не даде согласност.
За Црна Гора, затворањето на три поглавја е голем чекор напред, имајќи предвид дека пред тоа го затвори последното поглавје во јуни 2017 година. Вкупно сега ќе има шест затворени поглавја.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, чија земја со години ја блокираше Хрватска, рече дека билатералните прашања не треба да играат улога во процесот на пристапување.
Одговарајќи на новинарско прашање за одбивањето на Хрватска да се согласи на едно поглавје, Фајон рече дека тоа е билатерално прашање.
-Колку што разбрав, тоа е билатерално прашање. Црна Гора рече дека се обидела да одговори на сите прашања на Хрватска, а можам само да кажам дека во секој случај, кога станува збор за проширувањето, билатералните прашања не треба да бидат товар во тој процес, рече Фајон.
Таа додаде дека билатералните прашања треба да се решат пред земјите кандидати да влезат во финалната фаза за влез во ЕУ. /МИА