Ако мислите дека СДСМ ја загубиле власта по изборите, тоа е и точно, иако релативно. Ако ви се чини дека сега друг има власт над сите државни институции во Македонија, е тука сте погрешиле. За тоа ќе треба да помине уште време. Да, СДСМ и ДУИ и понатаму имаат силна контрола над неколку, и тоа битни, сегменти на владеењето. Пред се врз најмоќниот, врз правосудниот систем. А со него се почнува и кај него секоја корупција и тортура завршува.
Премногу долго, и премногу длабоко е вкоренета корупцијата на СДСМ и ДУИ позлатена со голем кеш украден од државната благајна за да исчезне за пар месеци. Многу луѓе од власта се должници на заевистите, а долгот треба да се врати или, во спротивно, да се отворат архивите па должниците да бидат казнети.
Гледам шокантна сторија на Канал 5 која, случајно или сепак намерно, другите телевизии ја преќутеа. Гледам и чекам која ќе биде реакцијата на Собранието кое е одговорно за работата на државниот (јавниот) обвинител и на обвинителскиот совет. Со ќутење држава не се прави, особено кај оние кои се платени да не ќутат.
Имено, Канал 5 објави дека државниот (јавниот) обвинител повикал обвинител од Вишото обвинителство и му давал забелешки и насоки како да се однесува во кривичен предмет. Тој оредметот, и уште два, се дело и недело на обвиненија од СЈО кое заврши како корумпирана неуставна дружина. Вишиот обвинител, замислете, имал став различен од обвинителите на СЈО за што му најавена контрола на однесувањето и дисциплинска комисија.
Контролата на предметите во кои тој се охрабрил да размислува различно од СЈО ќе му ја врши – обвинителка од СЈО! Директно заинтересирана страна бидејќи обвиненијата на СЈО се решаваа на колегиуми во кои учествувала и обвинителката контролор. Која објективност се очекува од неа да решава поинаку од она што го решавала кога била во СЈО, а тоа е дека се што ставил Заев на список мора да се стави и во затвор. Тој бирал, тие егзекутирале.
Се поинаку од тоа е предавство кон заевизмот, а тоа е опасно за обвинителите на СЈО бидејќи кај Заев се архивите за нивното однесување, записниците за парите кои им се платени и, најпосле, кај Заев стојат се уште нерешените запленети телефонски разговори на Јавното обвинителство во кои, богами, има путер за многу обвинителски и судски глави.
Патем, целава приказна ја потврди и шефот на Вишото јавно обвинителство кој застана во одбрана на интегритетот и стручноста на својот колега. Двајцата настапија јавно, со лични изјави, и тоа е прв конкретен доказ за партизација и компромитација на Обвинителството. Да, знаеме сите дека така работат но, ова е прв доказ од внатре дека тоа се случува.
Ако овој прв обид на слободен глас во одбрана на стручноста и интегритетот во обвинителството против внатрешната тортура и заевистичка чистка биде задушен на следен ќе чекаме долго. Многу долго... Но, ако биде од јавноста одбранет, ќе се нижат нови сведочења и ќе има нови, и нови чекори до расчистување во обвинителството и судството кои, да потсетам, со доверба од 2-3% во јавноста се институции со најмала доверба во било која институција од постоењето на Македонија во 1945. па до денес. Ваков блам во Македонија немало, и ќе нема.
Е па, другари пратеници, ова е прво задача за вас. Потоа за советот на обвинителите и, секако не најмалку важно, иако на крај спомнато, за медиумите. Нема граѓанин кој може да биде сигурен дека еден ден, за нешто, нема да се појави во судот, било да е гонет и тужен, или тој да тужи и оттаму нема човек кој нема интерес да следи како овој скандал ќе се одвива. И како ќе заврши.
Основа на државата е нејзиниот правен систем. Тој гарантира заштита на малиот од големите кои имаат влијание на обвинителите и судиите во било кој случај. А секој е потенцијална идна жртва на компромитиран правен систем. Секој.
Системот на обвинителството и судството почна да паѓа кога Зоран Заев, обвинет за корупција од скандалот “евро за Вицето...“ јавно кажа дека нема да оди на судење бидејќи не го признава судот. И не отиде. И не го собраа со комбе за да биде присутен на идното рочиште како што би постапиле за секој друг граѓанин.
Заев и заевистите уште пре да дојдат на власт прво го нападнаа обвинителството и судот. Таму ја проценија централата на моќта, алатката на нивното идно тоталитарно владеење. Во мај 2016. Шарните и буквално извршија напад врз Уставниот суд кој мораше да го брани полиција. Претседателкатата на Уставниот суд, Елена Гошева, изјави дека судот нема да дозволи да суди улица наместо нив.
И кога СДСМ и ДУИ дојдоа на власт ја сменија судијката, го сменија обвинителот и го преквалификуваа обвинението за Зоран Заев, па судија избран од заевистите го ослободи Зоран Заев од одговорност откако тој стана премиер. Премиер во време кога за него се води постапка за поткуп снимен со видео од полициска камера.
Не е заборавено: Обвинителката Валентина Бислимовска на завршните зборови за случајот Поткуп рече дека обвинетиот Зоран Заев не примил мито, туку само барал пари од струмичкиот бизнисмен Иван Николов и заради тоа го преквалификувала обвинението. “Само побарал мито од 160.000 евра...“
Со oваа промена се намали и висината на предвидената казна од најмалку 5, на затворска казна од 1 до 5 години.. Преквалификацијата придонесе и до намалување на судечкиот совет, односно пресудата ја донесе само судијата Дарко Тодоровски. Нормално, Заев доби ослободителна пресуда. И, потоа следи хаос.
Значи, маката не е од вчера за да се очекува корупцијата и компромитацијата на Обвинителството и Судот да заврши – утре. Но, еве го денот кога завршницата може да започне. Имаме скандал, имаме сведоци, имаме случај. А каде сме ние?
Заев, ослободен од обвинеие, зборуваше дека “правосудството е ослобдоено, цвета како пупка..“ И така пупката овена до ниво на статистичка грешка во јавноста, со доверба која е јавна пресуда за тие институции.
Правосудството стана еден од “непоправливите успеси“ на Зоран Заев и ДУИ.
Како што и другите “непоправливи успеси“ со примерот на Преспанскиот договор, со тајното преговарање и договорот со Бугарија, со украдените стотина милиони евра во време на Ковид кризата која, според Заев “со успех е решена“, како “успесите“ со Клиничката болница во Штип, автопатот Охрид-Кичево, марихуаната како економска иднина на Македонија, со двојазичноста надвор од рамките на Уставот... Со стотина “непоправливи успеси“ на заевистите од кои Македонија е блокирана, потчинета на други држави, ограбена и со урнати институции.
Време е хаосот да запре. Време е секој до нас, без да бегаме дека сме небитни, дека не одлучуваме за ништо, дека треба некој друг да го решава тоа... Време е да се потсететиме дека сите политичари, и бивши и сегашни, зависат – од јавност. Од нас. Затоа стално мереат рејтинзи и прават анкети по битни прашања, затоа што нивните одлуки, на крајот од денот, зависат од поддршката на јавноста. Од нас.
На 10. Февруари 2016, пред изборите наесен, имав храброст како уредник во Сител да го седнам Зоран Заев, тогаш штитен од Шарената револуција како месија на “партиските невладини“, и да го демаскирам по сите точки од корупција до продажба на името и идентитетот за кои тој тврдеше и се колнеше дека никогаш нема да се случат... А се случи баш се, до запирка, за што тогаш во студиото беше прозван. Кажано од мене на време, поддржано од домининатен број на јавноста што се измери на изборите кои СДСМ и Заев не ги добија.
И горд сум на себе, и на секој мој подржувач тогаш и потоа, затоа што сме имале очи да видиме и уши да слушнеме, и ум да процениме што не чека со Заев. Горд иако морав да ја преживеам одмаздата на Заев, платив скапа цена и во мојата матична телевизиска куќа и во постапките на неговото СЈО. Сакам така гордо да се осеќа секој од вас кои сега, секој на свој начин, ќе продонесете за преродбата.
И, еве, го спомнавме СЈО, Обвинителството и Судството на почеток, па да завршам со нив и на крајот. Таму е клучот за решавање на проблемите, кај нив, затоа се толку честа тема. Тие се најголема од темприраните бомби кои заевистите ги оставија откако загубија и се повлекоа од фронтот. Како што е темпирана бомба секој обвинител од СЈО кој е преместен во Јавното обвинителство. Тие се должници на Заев и Катица Јанева, од нив примија 3,5 милиони евра за кои Антикорупциска поднесе и пријава до Обвинителството која, самите тие, секако ја отфрлија. Кај се вдиело некој сам себе да се обвини?!
Со тие темпирани бомби во правосудството, здравството, економијата и финансиите, во образованието... секое и сечие движење низ политиката и општеството е непредвидливо и опасно, било кој од нас може да нагази некоја од нивните темпирани, и да настрада.
Да, добра е поддршката за владата на Мицкоски и за него лично кога по социјалните мрежи и портралите се признава нивната стручност и посветеност, добра е поддршката за најевните и веќе започнатите проекти... Сето тоа е ОК и со причина. Но, тоа треба да трае, и треба да се подига на највисоко ниво која се најважните реформи во прашање. А обвинителите и судиите се топ тема, врв.
Д.П. Латас
(19.10.2024)