Кога државата е болна, до ова ниво системски урната и ограбена со елементарната непогода од бандата на Заев и Али Ахмети, државата и нејзините граѓани имаат само една желба – да оздрави. А потоа, желбите ќе се множат, нормално.
Да видиме што направи новата влада и тоа веднаш, пред да им помине медениот месец од 100 дена, време кое во сите современи демократии се смета за денови во кои новите влади се формираат. За жал, оваа влада нема време за меден месец.
Оваа влада стапи на сила на 24 јуни, додека влегоа во кабинетите практично дојдоа на работа на 1 јули. Сред годишни одмори. Скоро 100 денови во кои, помеѓу останатото, можеме да го штиклираме и да им го сметаме како веќе сработено следното:
- Покачени пензии, линеарно, од септември.
- Платени заостанати субвенции на 9.000 земјоделци во износ од 16 милиони евра
- Одлука за реконструкција на 9 студентски домови, вредност 18 милиони евра
- Одлука за изградба на студентски кампус, вредност 35 милиони евра.
- Одлука за продолжување на ефтината тарифа за струја и намалување на цената за мрежарина во сметките за струја од 1 декември годинава.
- Исплата на заостанати плати во железници и водостопанство.
- Ставање на 87 лекови на позитивната листа, полесен пристап и помала цена за нив
- Јавен повик за проекти и добивање 100 милиони евра, крајниот предвиден износ е 250 милиони евра, за инфраструктура во општините.
- Потврдено скоро зголемување на субвенции за студентски оброк и финализирање на изградбата на новиот факултет за информатика, Финки, веднаш по завршување на ревизија кој што украл и проневерил од тој проект кој стои замрзнат на почетната точка на градба извршена уште од минатата влада на ВМРО ДПМНЕ.
- Конечно, по толку години, учениците ја почнаа годината со учебници.
- Потвдено дека по Нова година, со новиот буџет, продолжува дозавршување на градбата на Клиничката болница во Штип...
Ова е дел од одлуките и решенијата кои се однесуваат на бенефит на поединците, граѓааните. Математиката кажува дека со ова се влијае на подобро во животот на над 800.000 луѓе. И, малку ли е? За само 90 дена!
Тука не се наброени инвестиции и бенефити кои се однесуваат на реалниот економски сектор, на бизнисот. Тоа ќе го оставиме за друга прилика, да не ни избега муабетов.
И сето ова со буџет поставен од минатата влада, од СДСМ и ДУИ. Буџет во кој, документирано, фалат 500 милиони евра! Минатата влада, во буџетот, планирала трошоци за плати само до јули. Знаеле дека губат на избори и оставиле темпирана бомба во владата која, според нивниот план, требало да експлодира и да ја блокира работата на новата влада која следи. Е тоа е бандата на Заев и Али Ахмети.
Нема 100 дена меден месец и мир за новата влада. Живеат 100 дена пекол. Пола милијарда евра украдени од буџет со кој мора да одржиш дражава до Нова година.
Од зградата на владата, пред одење, СДСМ и ДУИ краделе столици, речиси сите лаптоп компјутери, поставиле камери за следење и прислушкување во министерството на Артан Груби, фалат службени автомобили, во подрумот на владата на СДСМ им останала печатница за пропаганден и партиски материјал... Владата ја користеле како партиски штаб.
Ете, тоа е стартот за новава влада. А ова е само еден дел, да кажеме 20-30% од руината.
Да, за овие 90-тина дена е направено многу повеќе од реално очекуваното за толку малку време. Во секој случај, многу повеќе од било која влада во првите 100 дена.
И, што мене ми е најважно, гледам тим. Тоа е база, темел на промените во државава. Секој проект може да биде добар, но, тимот е тој кој проектите треба да ги спроведе.
Мицкоски го бетонираше својот политички статус со успех да ја одржи во живот партијата, партискиот систем и имот кои беа напаѓани од сите страни: Од СДСМ и ДУИ, напаѓани од Грција и Бугарија во нивните планови за бришење на нацијата, од неуставната црвена герила на СЈО, од внатре со пуч предводен од Сашо Мијалков, Никола Тодоров и Ивица Коневски... Со прогон на над 300 луѓе од самата партија, бизнисмени, новинари, уметници... за кои Заев и Али Ахмети процениле дека се дел од моќта на ВМРО ДПМНЕ, од мислата и енергијата на доскорешната опозиција.
Мицкоски успеа да остане на нозе, и партијата и тој. Успеа и ВМРО да дојде на власт со влада поддржана од 77 пратеници, најмногу од која било нова влада досега.
Има тим. Александар Николоски е булдожерот кој покажа дека знае моќно да го чисти теренот, руината и хаосот кој е затечен. И да гради на исчистениот простор. Од 1990, од првата влада, досега не е виден министер со таква енергија и воља кој игра симултанка и добива на политички, инвестициски и реформски план. Тоа што некогаш беше Зоран Ставревски во финасии, сега е Александар Николоски во својот ресор, надградено со енергија и интелектуална доминација на политички план и многу борбеност во секоја прилика.
Самиот факт што СДСМ и ДУИ најмногу го спомнуваат е доказ дека оганот на промените гори. А каде е оганот таму се сите исплашени лешпери кои сакаат да го гаснат. Он е, фудбалски речено, играч за геген пресинг по цел терен, германска аденауерска школа.
Панче Тошковски остави своја адвокатска канцеларија, мирен живот и фини приходи, за да биде во тимот на Мицкоски. Писмен, елоквентен па и духовит ја има една од најтешките задачи да ја решава во прв степен, полициски, корупциската епидемија наследена од влада на СДСМ и ДУИ.
Панче, на старт, за месец дена ги реши траумите со немање лични карти и пасоши кои СДСМ и ДУИ ги создадоа и дестици иљади луѓе гувееа без решение. Уште тогаш беше јасно, момаков ја знае работата. Деновие гледаме и други резултати на полициската работа... Се нижат документирања за корупција и криминал, останува само да добиеме независни и комаптибилни обвинители и судии наместо овие со 3% доверба и борбата против корупцијата, темелот на секое зло во државава, да фати замаец.
Ретко кој во јавноста ја знаел министерката за финансии Гордана Кочовска пред изборите. Но, тоа не и пречеше уште во првите 100 дена заедно со Панче да документираат корупција и крадење државни пари досега од над 30 милиони евра. Допрва следи за масовното ограбување на Еуростандард банка и утврдување на криминал во кој, со интерес очекувам, да видам која е улогата и на плавушата, речиси заборавената бивша министерка за финансии Нина Ангеловска која минута пред распадот на Еуростандард банка ги повлече своите 250.000 евра... Нешто знаела, нели.
Патем, добро завршена задача на Гордана Кочовска е и претумбација на буџетот со дупка од 500 милиони евра во подлога за проектите кои владата веќе и остварува.
Иван Стоиљковиќ води, навидум, мало и економски инфериорно министерство за односи со етнички заедници во кое затече етнички речиси чист состав насила набутан за Артан Груби да вдоми свои партиски ликови и навивачи од Шверцерите во Чаир. Но, Иван Стоиљковиќ со Александар Николоски успеа од Србија да добие поддршка за темелен, системски проект, реконструкција на македонските железници.
Со тоа, си го заработи и местото и платата за цел мандат. Се што следи е бонус трак.
Тимчо Муцунски дојде на свој терен кој најдобро го познава и прилично храбро се носи со дипломатските предизвици, дали од Бугарија и Грција, дали од екстремистите во ЕУ. За него, фудбалски речено, можеби играше градоначалник затоа што така бара тренерот но, дипломатијата е негова природна зона и веќе добива јавна поддршка.
Тимот се гледа и во енергијата, стручноста и луцидноста на Арбен Таравари кој влезе во живата кал на здравството и полека, мирно, чисти и решава проблем по проблем. Прва најава му е зголемување на платите во здравствениот сектор, бркање накалемени админситративни директори, зголемување на позитивната листа за лекови, реконструкција на здравствени капацитети. Досега, има со што да се пофали и гордее.
Изет Меџити, како и Иван Стоиљковиќ, има навидум скрајнато, инфериорно министерство за екологија но, како и тој, работи многу пошироко од обврските. Има мирноќа и темелно познавање на политика налик на незаборавениот Арбен Џафери од ДПА. Тоа е таа школа, и тој систем кој обезбедува етнички мир во државата, обезбедува да нема пазарења под маса со криминалците од ДУИ... Меџити е најискусен политичар во новата влада, гледано на време поминато во власта, и сето наведено се гледа. Кога некој проблем е пред него човек се чувствува сигурен дека има решение... И тоа тивко, логично и остварливо. Реинкарнација на Арбен Џафери.
Тимот се и другите но, задачите и проблемите во првите 100 дена ги исфрлија луѓето кои овде се спомнуваат. Секој ќе добие свој проблем и шанса да се покаже, наскоро.
Што да кажам на крај? Гледам, мое е да истражувам и да споделам но, како што вели големиот филозоф и историчар Херодот во неговата единствена книга Историја:
“Најлошата болка што човек може да ја претрпи е да има увид во многу и моќ над ништо“.
Тоа е судбината на некои од нас, новинарите. И на многу од вас, јавноста. Гледаме и очекуваме од новата влада да продолжи како во првите 100 дена, никој од јавноста досега не е поддржан како што се тие.
А апсењата кои често се спомнуваат во очекувањата на социјалните мрежи... Полека, не е ова хунтата на СДСМ, ДУИ и Катица Јанева. Се работи темелно, се собираат докази, се очекуваат реформи во правосудниот систем затоа што, на крај, не обвинива и не суди владата туку обвинителите и судот. И така треба да остане. Се ќе си дојде по ред.
Д.П. Латас
(21.09.2024)