Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Економијата на САД се опорави и не се очекува рецесија

19 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Федералните резерви (Централната банка на САД) ја намалија каматната стапка за половина процентен поен, прво кратење во четири години што треба да донесе олеснување за домаќинствата и бизнисите кои изминативе години се борат со високи каматни стапки на кредитите што ги плаќаат.

Поагресивниот пристап сугерира дека официјалните лица проактивно се обидуваат да го олеснат притисокот врз економијата и да спречат дополнително забавување на пазарот на труд. Стапката на референтната камата сега е меѓу 4,75 и 5 отсто. Според Фед, инфлацијата се движи кон нормални нивоа и тоа се очекува да продолжи. Тие сепак се под притисок да осигураат дека високите стапки нема дополнително да го забават пазарот на труд.

-Дали има можност за економска рецесија - Не гледам ништо во моменталната економија што би сугерирало дека е зголемена веројатноста за рецесија, изјави синоќа на долгоочекуваната прес- конференција првиот човек на Фед Џером Пауел

Тој додаде дека економијата расте, инфлацијата опаѓа, а пазарот на труд е „сè уште на многу стабилно ниво“.

Лидерите на Комитетот за буџет и средства на Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, имаат поинакво толкување за тоа како ќе влијае намалувањето на каматните стапки. 

Средбата на Фед доаѓа на само неколку недели пред претседателските избори на 5 ноември.

Претседателот на комитетот, пратеникот Џејсон Т. Смит, изјави дека потрошувачите не бараат само олеснување од високите каматни стапки, туку и од „истите стари неуспешни политики на Бајден и Харис од кои беа погодени уште на почетокот“.

Сепак, трите главни берзански индекси на САД - Доу Џонс, Насдак и S&P 500 - не беа уверени во овие политики на Фед. Сите паднаа во негатива еден час по објавувањето на намалувањето на каматната стапка за околу 0,1 отсто и на околу 40 минути до крајот на тргувањето синоќа.

Демократслата сенаторка од Масачусетс, Елизабет Ворен, која веќе некое време бара намалување на стапките, ја критикуваше централната банка поради доцнење.

-Ова намалување на каматните стапки е уште едно признание дека Пауел предолго чекаше за да ги намали стапките, изјави таа.

-Фед конечно ја смени насоката за да го следи својот двоен мандат за цените и работните места. Пониските стапки значат олеснување за потрошувачите и идните сопственици на домови. Потребни се понатамошни  намалувања на стапките.

Уште две кратења од четвртина процентен поен се очекуваат во ноември и декември и дополнителни четири кратење во 2025 година. 

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ