Вистинска драма утрово се случила во градинка во градот Острава во Чешка, кога родител (40) наводно ја зел воспитувачката како заложник, и се заканил со нож и побарал да пристигне полиција. Инцидентот се случил утрово нешто пред 8 часот.
"Диспечерот добил повик од градинката дека маж ја земал воспитувачката како заложник и барал да се повика полиција“, изјави портпаролката на полицијата Ева Михаликова.
Тој и се заканувал на воспитувачката со нож, потврди полицијата. Тој ја напуштил градинката веднаш штом сфатил дека е повикана полиција, а во овој инцидент нема повредени.
Полицијата веднаш отишла во градинката, а мажот бил уапсен на улица, на околу 150 метри од градинката.
"Направени се алко-тестови и нарко-тестови и двете се негативни. Човекот не бил случаен минувач, тој е правен застапник на едно од децата во градинката“, додаде Михаликова.
Полицијата го уапсила мажот и му го одзела џебниот нож со кој и се заканувал на наставничката.
Тој е во притвор додека трае истрагата. Засега не е познато што довело до оваа драма.