Германскиот канцелар Олаф Шолц се уште верува во победа на предвремените парламентарни избори во Германија на крајот на февруари и покрај лошите прогнози, изјави тој на вонредниот партиски конгрес на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) денеска во Берлин.
„Во февруари двапати бев избран за градоначалник на Хамбург. Тоа влева оптимизам. Значи, ќе продолжиме да се бориме“, изјави актуелниот канцелар и кандидат за канцелар на претстојните избори, Олаф Шолц.
Тој беше официјално потврден со големо мнозинство на вонредниот партиски конгрес како социјалдемократски кандидат за канцелар на предвремените парламентарни избори на 23 февруари.
<b>„Момент на одлука“</b>
Шолц рече дека претстојните избори се „момент на одлучување“ во кој правец Германија ќе оди напред.
„Ако Германија направи погрешен пресврт, тогаш по изборите ќе се разбудиме во сосема друга земја. Тоа не смее да се случи“, рече Шолц. Тој додаде дека СПД се бори за правични плати, поволни станови и стабилни пензии за мнозинството граѓани, за разлика од демохристијаните кои се борат само, како што рече, за побогатите слоеви на општеството.
“Коалицијата ЦДУ/ЦСУ креира политики за најбогатите десет илјади граѓани на Германија“, рече Шолц.
СПД подготвува даночни олеснувања за семејствата и намалување на прагот за највисока даночна стапка од 93 на 68 илјади евра годишно.
<b>„Ситуацијата во Австрија е сериозна“</b>
На надворешнополитичкиот фронт, Шолц се залага за понатамошна помош за Украина и истовремено предупреди на зголемената популарност на десничарските сили во Европа, особено укажувајќи на соседна Австрија.
„Херберт Кикл е, нема поинаку да се каже, екстремен десничар. Ситуацијата во Австрија е сериозна“, рече Шолц за кандидатот за австриски канцелар и лидер на екстремната десница.
Во својата изборна програма претставена на конгресот, СПД се залага и за ограничување на нерегулираната миграција, но истовремено и интензивирање на напорите за привлекување квалификувана работна сила од странство.
СПД во својата програма се залага и земјите од Западен Балкан што поскоро да влезат во Европската унија.
„Преку опиплив напредок во процесот на проширување, како што е слободниот пристап до заедничкиот пазар, граѓаните треба да почувствуваат дека патот до Европската унија вреди“, се наведува во изборната програма на СПД.
На шест недели пред парламентарните избори, СПД се уште е на трето место со 15 отсто поддршка од гласачите.
На прво место е Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ со 31 отсто, а десничарската популистичка Алтернатива за Германија има поддршка од 21 отсто.
Предвремените избори се одржуваат седум месеци пред редовните бидејќи Шолц на почетокот на ноември го разреши либералниот министер за финансии, со што се распадна коалициската влада составена од социјалдемократите, либералите и зелените.