Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека „нема ни теоретски шанси“ Канада да стане 51-та сојузна држава на САД. Набрзо доби одговор од американскиот мултимилијардер Илон Маск.
„Нема ниту теоретски шанси Канада да стане дел од Соединетите Држави. Работниците и заедниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“, рече Трудо преку Х.
„Девојко, ти повеќе не си гувернер на Канада, па не е важно што ќе кажеш“, одговори Маск.
<b>Трудо најави дека ќе поднесе оставка</b>
Трудо претходно оваа недела најави дека ќе поднесе оставка од премиерската функција. Тој објасни дека ќе биде премиер додека не се избере нов лидер на Либералната партија, на датум што допрва треба да го одреди партијата. Тој побара одложување на работата на парламентот до 24 март за да и се даде време на партијата да најде нов лидер.
Инаку, за можноста Канада да стане дел од САД почна да се зборува откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја претстави идејата за „51-та држава“ за време на вечерата со канадскиот премиер Џастин Трудо на крајот од ноември.
За време на таа средба, новоизбраниот американски претседател се пошегува дека ако Канада не може да ги преживее царините од 25 проценти, може да стане 51-та американска земја.
Оттогаш, тој постојано го опишуваше шефот на владата на Канада како гувернер во објавите на социјалните мрежи, титула што во Соединетите држави го назначува шефот на извршната власт на сојузната држава.