Колку и да сметаат дека нема капацитет македонската полиција, колку и да е факт дека Македонија не функционира како швајцарски часовник, а при тоа е доведена на дереџе на швајцарско сирење, се уште има професионалци во полицијата кои си ја сакаат државата, без оглед дали се тоа Македонци, Албанци, Власи, Турци, Роми, Срби и се спремни животот да го дадат за државата, за Македонија. Се уште има такви полицајци.
Ова <a href="https://kurir.mk/vesti/makedonija/toshkovski-makedonija-ne-funkcionira-kako-shvajcarski-chasovnik-dovedena-e-na-deredze-na-shvajcarsko-sirenje-no-kje-ja-normalizirame/">го истакна</a> министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање- дали има информации дека во партиските штабови на опозицијата се викаат полицајци да им се прави притисок да не учествуваат во акциите кои ги организира МВР.
Тошковски одговори потврдно и додаде дека се расветлува ова прашање.
-Постојат такви информации кои беа споделени и постапуваме по однос на истите за да ги расветлиме. Нека не ги потценуваат чесните и професионалните полицајци и нека не мислат дека ова ќе остане незаборавено.
Ресорниот министер подвлече дека ќе одговара секоја кој сторил било каков криминал.
-Заврши времето на тоа како до сега. Кој сторил криминал ќе одговара, без оглед дали бил екс премиер, екс вицепремиер… Сметам дека само така, во рамки на една процесна правда, каде што се почитуваат правата на граѓаните без оглед дали сториле или не сториле кривично дело, но и во рамки на една постапка која на крај ќе ја утврди вистината- само така можеме да си ја нормализираме Македонија, никако поинаку. Македонските граѓани го заслужуваат тоа.