Покривање загуби на општините сметам дека е сосема погрешен
пристап, кој всушност поттикнува непродуктивност, мерка што ја практикуваше
претходната Влада. Оваа Влада, смета дека таквиот модел не е соодветен. Иако е
точно дека општините се соочуваат со ограничени буџети, тоа не е оправдување за
нивните негативни финансиски резултати, вели во интервју за „Локално“,
министерот за локална самоуправа, Златко Перински запрашан дали унгарскиот
кредит навистина ќе помогне или е само решение за општинските долгови.
Според него, комунален надзор по општините треба да се
регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со
планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина
градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе
бидат обврска на градоначалниците.
Тој додава дека причините за измените и дополнувањата на
Законот за локална самоуправа произлегуваат од идентификуваните слабости после
неговата дваесетгодишна примена.
За Законот вели дека од веќе започнатиот процес на отворени
јавни дебати за измените на Законот има унисон став и поддршка за планираните
измени иако очекувано, има забелешки, коментари, сугестии, за да се дојде до издржано
законско решение и кое со консензус ќе се донесе во Собрание.
За функционирањето на Градот Скопје во последните две години
смета дека единствено градоначалникот и директорите на јавните претпријатија
можат да им помогнат на вработените и на скопјани.
Поедноставен и побрз начин, не постои. Ние како
Министерство, ниту пак било која друга институција, немаме никакви надлежности
затоа што законски утврдените надлежности впишани во Закон за локална
самоуправа и во Закон за Град Скопје се строго детерминирани и определни и како
Влада секако оставаме можност да помогнеме онаму каде што треба, но на крај од
ден некој треба да работи и да си ја заработи платата.
Запрашан за тоа дали ќе биде кандидат или некој друг за Град
Скопје, Перински потенцира дека е убеден дека следниот градоначалник ќе биде од
редовите на ВМРО ДПМНЕ, а конечната одлука ќе зависи од многу фактори, најважно
е да се донесе најдобрата одлука за скопјани и иднината на градот. Не се
сомневам дека така и ќе биде.
-Јасна визија со долгорочна стратегија усогласена со
потребите на граѓаните е сигурно решение за проблемите на Скопје и скопјани,
кои изминативе години, за жал, секојдневно се таложат. Со оглед на околностите
на кои сме сведоци, не верувам дека во рок од еден мандат Скопје целосно ќе
застане на нозе, но сепак, тоа е сосема доволен период на градот да му се
постават основните темели врз кои потоа ќе продолжи да се развива и зајакнува
во насока на вистинска метропола. На Скопје му е неопходна урбана политика по
меѓународни стандарди, со фокус на модернизација на јавниот превоз, мерки за
намалување на загадувањето, оптимизација на паркирањето и зајакнување на
капацитетите за одржување на хигиената и урбанизацијата на јавните простори. За
да се обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, потребен е системски пристап
кој ќе ги опфати сите аспекти на урбаното опкружување. Клучно е да се
реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки. На
пример, проблемот со загадувањето не може да се реши без да се подобри јавниот
превоз. Добар менаџмент на јавните претпријатија е исто така неопходен за
ефикасно функционирање на системот и квалитетни јавни услуги. Единствено така,
Скопје може да стане функционален и урбан град.
-