Годишно од земјава заминуваат по 2.500 високообразовани кадри што ѝ носи директна загуба на државата од 8,34% од домашниот бруто производ (БДП), или ПОВЕЌЕ ОД 900 МИЛИОНИ ДОЛАРИ!
Овие и вкупните бројки на македонски граѓани коишто престојуваат надвор од земјава во последната деценија забележуваат континуиран пораст, но државата нема ефикасни мерки со кои ќе го спречи егзодусот, покажуваат податоците на Државниот завод за ревизија кои се однесуваат на периодот од 2013 до 2021 година.
Ревизорите утврдиле дека државата не води точна евиденција на кадарот што ја напушта земјава, па бројките можат да бидат и поразлични од оние кои се во ревизијата. Така, според податоците на Државниот завод за статистика во периодот 2015-2022 година бројот на високообразовани кадри кои ја напуштиле земјава изнесува 719 лица. Само во 2022 година, според истите податоци, од земјава заминале 275 високообразовани лица.
За да дадат пореална слика на одливот на кадри и население од земјава ревизорите се повикуваат на процените на Светската Банка, според кои речиси 40% од високообразовниот кадар ја напуштило државата и оние на Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, според кој земјава е на високото 5 место (од 41 европска земја) со 6,4 индексни поени, што јасно покажува дека државата се соочува со голем загуба на таленти.
Освен тоа земјава губи и добар дел од домашниот бруто производ (БДП) поради тоа што овие кадри не работат во нашите компании. Се проценува дека годишната загуба е 8,34% од БДП.
Ревизорите пресметале дека за овие кадри државата просечно годишно троши по 5 милијарди денари или вкупно за периодот од 8 години потрошила 44,7 милијарди денари (725 милиони евра) што е 0,8% од домашниот бруто производ (БДП).
„Доколку на ова се додаде реално изгубеното вложување во образование во овие кадри кое во просек изнесува 3,19% годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво“, наведуваат ревизорите.
Различните бројки покажуваат дека државава не води точна евиденција на кадарот што ја напушта земјава, па бројките можат да бидат и повисоки од оние кои се утврдени во извештајот на ревизорите.
„Државата нема воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција, паради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“, се наведува во извештајот.
Ревизорите утврдиле и дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање, а МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.
„Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата“, се наведува во извештајот.
Во периодот 2013-2022 година од страна на МОН финансирани се вкупно 150 стипендисти на втор циклус и 6 стипендисти на трет циклус на студии во странство.
„Со анализа на потрошените средства утврдивме дека со конкурсот за 2013/2014 година се доделени стипендии за студирање втор циклус во странство во износ од 27.612.000 денари или околу 450.000 евра со што е надминат предвидениот износ од акцискиот план, што укажува на несоодветно планирање на финансиски средства“, се наведува во ревизијата.
Ревизорите констатираат и разочарувачки бројки на вкупниот одлив на население од земјава. Според нивната анализа, во периодот од 2013 до 2022 година кој се потпира и на статистичките податоци, земјава ја напуштиле вкупно 7.861 лице што, според пресметките, покажува на загубени 5,15% од БДП по тој основ.
Тоа, пак, ја става земјава во Топ 20 земји на најголема емиграција во странство според извештајот на ИОМ за 2020 година.