Деканот на Правниот Факултет при Универзитетот во Тетово,
Сафет Емурли информира дека на Артан Груби, кој е вработен како професор на
отсекот по новинарство, му е испратено решение за отказ.
Груби бил таму вработен од 2012 година, а поради вршење
јавна функција, местото било во мирување, се до август 2024 година кога се
вратил на работа.
„Завршена е постапката со отказ на споменатото лице. Значи
веќе не е во работен однос во Тетовскиот Универзитет. Отказот му е пратен по
пошта и електронски на службениот и-мејл“, изјави Емурли за МИА.
Во Законот за работни односи, согласно член 82, се вели дека
работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без
отказен рок во случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување
на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор,
правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено
ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена
или пет работни дена во текот на една година.
На 9 декември 2024 година, Груби се најде на т.н. црна листа
на американскиот Стејт департмент од каде посочија дека заедно со судија биле
вмешани во значителна корупција преку примање мито за предмети поврзани со
поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. За него е почната и кривична
постапка во предметот „Државна лотарија“.