Одделот за сузбивање организиран криминал и специјалната полиција по повеќемесечно истражување вчера и денеска спроведува акција во која е сузбиена 18-члена криминална група, составена од лица од Скопје кои подолг временски период се вклучени во кривични дела со насилен криминал и трговија со оружје, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
– Во рацијата се извршени претреси кај 26 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрачјето на Скопје и две локации на подрачјето на Велес. Досега кај осомничените се пронајдени огнено оружје, друга опрема, панцири и над 30 милиони денари во различни апоени. Одземени се и пет оклопни возила, накит, мобилни телефони, часовници, ресивери. Поднесена е кривична пријава против 18 лица од Скопје за убиство и обид за убиство кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во „Шиша бар“. Има кривични пријави и за изнуда и за злосторничко здружување. Дел од пријавените во 2020 година создала група која имала за цел вршење кривични дела убиства. Подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група кои ги прифаќале и спроведувале. Договорите биле пренесувани во непосредни контакти или преку телефон – кажа Тошковски на прес-конференцијата.
Со акцијата, додаде Тошковски, се расветлени дури 7 убиства, од кои само едно се случило во неговиот мандат. Расветлено е и двојното убиство во кафе барот „Шиша бар“, што се случи лани, а кое силно ја вознемири македонската јавност.
– Прашањето е, што правеа тие пред нас, што работеа? Дали работеа за граѓаните или за туѓи интереси? Како ние за неколку месеци разрешивме 7 убиства кои тие не ги решиле повеќе години. Што открија досега? Зошто не открија кои се сторителите, кои се нарачателите? Ќе следат многу интересни постапки, ова е само почеток. Ќе покажеме дека криминалот и насилството се неисплатливи. МВР постапува, Обвинителството се охрабри и постапува, останува на Судот дали ќе ја врати довербата со судските постапки – рече Тошковски.
На прашањето зошто е вклучена и војската во акцијата, Тошковски рече дека не е само армијата, туку е вклучена и секоја институција што може да помогне.
– Конкретно од војската користиме скенери и детектори. Вклучени се и багери од локалната самоуправа. Претресите уште траат – рече министерот.
Тој им се заблагодари на граѓаните кои живеат во реоните каде се вршени претресите за трпението и смиреноста што ги покажале.
– Вчера беше преземена една поголема акција поради која беше затворен добар дел од Скопје. Упатувам извинување до сите што живеат во Чаир, Арачиново, Сингелиќ, кои за жал, поради малкумина луѓе кои се дел од банди, мораа да трпат немир, затоа што полицијата мораше да си ја заврши работата. Блокиравме многу улици, немаше никаков инцидент. Благодарност до чесните и одговорните граѓани кои живеат во овие општини. Благодарност и до чесните полицајци. Упатувам порака до нечесните – срам е за македонски полицаец да учествува во какво било поткопување на процесите кои треба да нè донесат до правдата – рече министерот.
На новинарско прашање дали била пробиена акцијата, тој одговори дека МВР вчера работело согласно со проценките кои ги имало и одговорило професионално и соодветно со тековните информации од терен.
– Ако прашувате има ли нечесни полицајци кои повеќе соработуваат со криминалците – да, има. Ќе има постапка и против нив – рече Тошковски.
Тој додаде дека дел од осомничените се во затвор, дел се избегани пред подолго време.
– Еден од нив, на 10 минути пред да влезе полицијата во објектот, го напушта. Не успеавме да го обезбедиме. Претпоставувам дека тоа е така затоа што му е дојавено од нечесни професионалци – рече министерот.
На прашање дали партијата ДУИ им забранувала на некои полицајци да учествуваат во акцијата против мафијашката група, министерот потврди и додаде дека и тоа ќе биде расветлено.
– Ќе покажеме дека колку и да се смета дека полицијата нема капацитет и не функционира како швајцарски часовник, туку е доведена на дереџе на швајцарско сирење, сè уште има полицајци кои ја сакаат Македонија, и тоа Македонци, Албанци, Турци итн, кои се спремни и животот да го дадат. Нема да биде заборавено, а ако има докази за оние кои ги координираат нечесните, и за нив ќе има пријави. Заврши времето „како до сега“, не знам како тоа не им е јасно. Без разлика дали некој е екс премиер или вицепремиер, ќе одговара секој за кој има докази. Сè што е незаконито поседувано, пари, имот, хациенди, мотори, злато, сè ќе биде предмет на кривична постапка, која се надевам дека ќе овозможи конфискација од страна на судот. Само така можеме да си ја нормализираме Македонија, никако поинаку. Ќе дојде тоа време – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција.