Пијан полицаец на новогодишната ноќ ослободи 13 осомничени од притвор
Потрагата по осомничените е во тек.
Пијан полицаец во Замбија, африканска земја што се протега на централните, источните и јужните граници на континентот, ослободи 13 осомничени од притвор за да можат да ја прослават Новата година, соопштија официјални лица.
Детективот Титус Фири бил уапсен откако ги ослободил осомничените од полициската станица Леонард Чило во главниот град на Замбија, Лусака, пред да побегне.
Тие беа ослободени за кривични дела како физички напад, грабеж и провала.
Сите во моментов се во бегство и потрагата по нив е во тек.
Полицијата соопшти дека Фири „во состојба на интоксикација“ на новогодишната ноќ „насилно ги одзел клучевите од ќелијата“ од полицаецот Сер Банда.
Потоа ги отклучил и машките и женските ќелии и им рекол на осомничените да си одат.
Во таа прилика им порача дека можат слободно да ја дочекаат Новата година.
„Од 15-те осомничени во притвор избегале 13. По инцидентот полицаецот побегнал од местото на настанот“, соопштија од полицијата.
Реагирајќи на инцидентот, поранешниот претседателски портпарол во Замбија и адвокат Диксон Гер на Фејсбук напиша: „Се смеам секогаш кога ја замислувам таа сцена, но потоа се сетив на сличен инцидент во 1997 година“.
На новогодишната ноќ 1997 година, контроверзниот судија Кабазо Чанда нареди ослободување на 53 осомничени, вклучително и некои кои полицијата ги сметаше за опасни.
Чанда бил изнервиран што осомничените биле уапсени одамна, некои во далечната 1992 година, но во тоа време сè уште не се појавиле на суд.
Бидејќи правдата доцни, правда нема да има, изјави тогаш Чанда.