Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека ќе се организира советодавен референдум за негово разрешување.
„Ќе има вака или онака“, изјави Вучиќ за телевизијата Б92, одговарајќи на прашањето дали референдумот ќе се организира, бидејќи опозицијата наведува дека не го сака и нема да потпише барање за негово организирање во српскиот Парламент.
Тој рече дека доколку така се одлучи на советодавниот референдум, тој ден потоа ќе поднесе оставка.
„Ако се што вели Црта е вистина, тие победуваат, а јас поднесувам оставка“, рече Вучиќ.
Тој им порача на граѓаните дека доколку не му веруваат, „веднаш ќе се симне од власта“.
„Тоа е сè што барам, она што никој никогаш не сакал да го искористи, на таков демократски начин - советодавен референдум. Ако само на тој референдум кажеш дека мислиш дека би било добро да не ја имам таа функција, нема ни да се замарам. Час или два по таа одлука, ако тоа е ваша волја, јас повеќе нема да бидам претседател на Републиката“, рече Вучиќ.