Претседателот на Соединетите држави во заминување Џо Бајден изјави дека верува оти „душата на Америка“ останува загрозена, помалку од една недела пред Доналд Трамп да влезе во Белата куќа за втор претседателски мандат.
Во писмото објавено во средата наутро, само неколку часа пред да одржи проштално обраќање до земјата, Бајден ги повика Американците да се соберат.
„Се кандидирав за претседател затоа што верував дека душата на Америка е во прашање. Самата природа на тоа кои сме ние беше во прашање. И, сè уште е така“, напиша тој.
„Историјата е во ваши раце. Моќта е во ваши раце. Идејата за Америка е во ваши раце. Треба само да ја задржиме вербата и да се потсетиме кои сме. Ние сме Соединетите Американски Држави и едноставно нема ништо надвор од нашите капацитети кога го правиме тоа заедно“.
Иако Трамп не беше експлицитно именуван во писмото, Бајден и неговите сојузници од Демократската партија претходно предупредија дека новоизбраниот републикански претседател - кој ќе ја преземе функцијата во понеделник - претставува закана за демократијата.
Американскиот претседател им се заблагодари на Американците за нивната „љубов и поддршка“ за време на неговиот мандат, во емотивна изјава пред неговото официјално проштално обраќање до нацијата.
„Ги дадов срцето и душата на нашата нација. И јас бев благословен милион пати во замена за љубовта и поддршката на американскиот народ“, рече Бајден во писмото објавено од Белата куќа.
Бајден (82) в понеделник ќе му ги предаде овластувањата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во ноември минатата година. Бајден, ветеран демократ, не само што ќе ја напушти Белата куќа по четири години на чело на најмоќната демократија во светот, туку и ќе ја заврши својата политичка кариера.
„Беше животна привилегија да и служам на оваа нација повеќе од 50 години. Никаде на друго место на Земјата дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден би седнало на маса во Овалната соба како претседател на САД“, напиша Бајден.
Белата куќа, исто така, објави долга листа на достигнувања на Бајден како претседател, вклучително и „историско закрепнување“ од пандемијата на коронавирус и „економски раст и намалување на трошоците“.
Но, многу Американци ќе го паметат и по неговото инсистирање да се кандидира за втор мандат, иако долго се поставуваше прашањето дали е способен да го стори тоа поради годините.
По катастрофалниот настап во телевизиска дебата, Бајден на крајот се повлече од трката само неколку месеци пред изборите, а демократите ја номинираа потпретседателката Камала Харис за свој претседателски кандидат.