Пратениците во грчкиот парламент почнаа да расправаат за нацрт-законот со кој се заоструваат правилата за краткорочно изнајмување на станови и куќи на туристи, со забрана за користење на пренаменети магацини и подруми без прозорци.
Така, реновираните магацини, подземни соби и поранешни индустриски капацитети ќе бидат отстранети од платформата за изнајмување на туристи, вклучително и оние кои веќе се пренаменети за угостителска употреба, пренесува Бета.
- Просторите за изнајмување мора да бидат станбени простори, со природна светлина, вентилација и климатизација, изјави министерката за туризам Олга Кефалојани.
– Воведуваме минимални оперативни и безбедносни стандарди, рече таа, а „целта е долгорочен, одржлив и квалитетен развој на грчкиот туризам, а не само да се уриваат рекорди секоја година“.
Подготовката на тој закон се совпаѓа со едногодишната забрана за нова регистрација на имоти за краткорочно изнајмување во популарните атински области како Колонаки, Кукаки и Егзархија, а прекршувањето се казнува со парична казна од 20.000 евра.