Неодамнешната прес-конференција на новоизбраниот претседател Доналд Трамп предизвика дипломатска бура, но дали неговите закани ќе се остварат кога ќе се врати во Белата куќа и што рече за новиот мандат што наскоро ќе започне?
По преземањето на проектот за изградба на канал што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан на почетокот на 20 век и по децении преговори, САД ѝ ја предадоа целосната контрола на Панамскиот канал на Панама во 1999 година. Сега, Трамп сака да го врати каналот за, како што вели, националната безбедност.
„Панамскиот канал е од витално значење за нашата земја. Го управува Кина, и го дадовме Панамскиот канал на Панама, не и го дадовме на Кина, а тие го злоупотребија. Таа го злоупотреби тој подарок“, рече Трамп.
Сепак, официјалната статистика го оспорува овој став. САД се главниот корисник на оваа морска рута, а американскиот товар учествува со 72 отсто од вкупниот сообраќај низ каналот. На второ место е Кина, чиј товар сочинува околу 22 отсто од вкупниот сообраќај, покажуваат податоците на управата на Панамскиот канал. Кина има и големи економски инвестиции во Панама.
Аналитичарите велат дека Панамскиот канал не само што е од суштинско значење за американската трговија на Пацификот, туку ќе биде клучен во случај на иден воен конфликт со Кина.
Гренланд е автономна територија под суверенитет на Данска и е една од најмалку населените области во светот. За време на неговиот прв претседателски мандат, во 2019 година, Трамп ја покрена идејата за купување на Гренланд.
Мете Фредериксен, премиерката на Данска, изрази подготвеност да работи со идната администрација на Трамп, но нагласи дека Гренланд им припаѓа на луѓето на островот.
„Гренланд е за народот на Гренланд. Тоа е горда нација, која има свој јазик и култура. И како што беше кажано претходно, Гренланд не е на продажба“, рече Фредериксен.
Интересот на Трамп за оваа територија можеби не е изненадувачки, бидејќи е богата со природни ресурси. Веб-страницата на Геолошкиот институт на Данска и Гренланд наведува долга листа на скапоцени минерали и енергетски ресурси што ги има најголемиот остров во светот.
Тие вклучуваат благородни метали како злато и платина, осум ретки метали како што се литиум, титаниум и метали од ретки земји, извори на енергија како јаглен и ураниум и скапоцени камења како дијаманти и рубини.
Во последниве недели, Трамп постојано го буцкаше најголемиот американски сосед, Канада, велејќи дека таа може да стане 51-та американска држава, а границата меѓу двете земји ја нарече „вештачка“.
Новоизбраниот американски претседател ги критикуваше милијардите долари потрошени за заштита на Канада, како и за увоз на канадски автомобили, граѓа и млечни производи.
Како и Мексико, Канада се соочува со царини од 25 отсто за стоки што се извезуваат во САД кога Трамп официјално ќе ја преземе функцијата.
За време на долгата прес-конференција во неговата резиденција Мар-а-Лаго, Флорида, Трамп, исто така, ја повтори загриженоста за, како што рече, дрогата која доаѓа во САД од Мексико и Канада.
Сепак, количината на синтетичката дрога фентанил запленета на границата меѓу САД и Канада е значително помала отколку на јужната граница, покажуваат американските податоци.
Канада вети дека ќе спроведе серија нови сеопфатни безбедносни мерки долж границата, кои ќе вклучуваат зголемен надзор и дополнително екипирање на заедничките сили за борба против транснационалниот организиран криминал.
Канадскиот премиер Џастин Трудо одговори на најновата закана на Трамп дека ќе употреби „економска сила“ за да ја припои Канада кон САД, сликовито одговарајќи: „Кога врбата дава грозје“.
<b>Празни закани или сериозни намери</b>
Џејмс Џефри, поранешен заменик советник за национална безбедност на САД, изјави за Би-Би-Си дека Трамп испраќа сигнал до меѓународните сојузници, како и до неговите поддржувачи дома.
Тој вели дека во САД постои фрустрација што богатите европски сојузници не прават доволно за да ја заштитат меѓународната безбедност. Џефри ја отфрли можноста за воени интервенции.
„Нема да маршираме на Гренланд, нема да маршираме кон Канада, нема да го окупираме Панамскиот канал. Но, колку превирања ќе создаде ова е друго прашање“, додаде тој.
„Заканата за меѓународниот поредок не е Доналд Трамп, закана за меѓународниот поредок се Русија и Кина“, рече Џефри.
Дејвид Медокс, политички уредник на лондонскиот онлајн дневен весник The Independent, смета дека Трамп треба да се сфати сериозно. „Ова е некоја империјалистичка верзија на Трамп. Тој буквално сака да го зголеми присуството на Америка во светот. Ова се сериозни закани“, изјави Медокс за Би-Би-Си.
„Ќе видиме многу поинаков пристап во споредба со првиот претседателски мандат на Трамп, кој ќе биде многу дестабилизирачки за остатокот од светот“, смета Медокс.