<span lang="EN-US" style="mso-ansi-language:EN-US">
Извршниот директор на Тесла Илон Маск најави дека ќе ја разгледа можноста за
поднесување тужби против медиумите поради нивното покривање на експлозијата на
Сајбертракот што се случи пред хотелот Трамп во Лас Вегас во средата.</span>
Конзервативниот активист Роби Старбак сподели напис од
Бизнис инсајдер на Икс во кој инцидентот се опишува како „експлозија на
Сајбертрак“.
„Маск треба да размисли да ги тужи медиумите затоа што ја
обликувале приказната на овој начин. Овие наслови го саботираат брендот на
Тесла со тоа што ги тераат луѓето да мислат дека Сајбертрак се запалил. Има
околу еден пожар на возило на Тесла на секои 130 милиони поминати милји. Други
автомобили имаат пожар на секои 18 милиони милји“, напиша Старбак.
„Можеби е време да го направиме тоа“, напиша Маск како
одговор на сугестијата да размисли за тужба, пренесува Политико.
Возачот загина, а седум лица се повредени кога возилото –
наполнето со канистри со гориво – експлодираше на Нова година. Човекот кој го
изнајмил возилото Сајбертрак бил активен припадник на американските специјални
сили и се застрела во главата пред експлозијата, потврдија полициски
претставници.
Маск, милијардер кој е близок соработник на новоизбраниот
американски претседател Доналд Трамп, го критикуваше медиумското покривање на
инцидентот и ја бранеше безбедноста на возилото во серија објави на својата
социјална мрежа Икс.
„Фактот дека беше Сајбертрак навистина ја ограничи штетата,
што се случи внатре во возилото, бидејќи поголемиот дел од експлозијата помина
низ возилото и излезе“, рече шерифот на полицијата во Лас Вегас, Кевин Мекмахил
за време на прес-конференција оваа недела.
Маск повторно објави видео од конференцијата, пишувајќи:
„Злобните идиоти избраа погрешно возило за терористички напад. Сајбертрак
всушност ја запре експлозијата и ја насочи експлозијата нагоре. Ниту стаклените
врати од лобито не се скршија“.