Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

За шест месеци во Амазонската прашума регистрирани рекордни 13.489 пожари

2 јули 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Тоа е зголемување од 61 процент во споредба со истиот период минатата година и е најлоша бројка во изминатите 20 години.

Бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ) од 1998 година ги следи пожарите во Амазон. Најголем број пожари од јануари до јуни е забележан во 2003 година, кога се регистрирани 17.143 и во 2004 година, кога имало 17.340 пожари.

Според податоците на ИНПЕ, во периодот од 1 јануари до 21 јуни годинава површината изложена на уништување на шумите е намалена за 42 отсто во споредба со истиот период во 2023 година.

Бројот на пожари достигна рекордно ниво и во два други екосистеми јужно од Амазон: мочуриштето Пантанал и саваната Серадо, која најмногу се наоѓа во Бразил.

Во Пантанал, дом на милиони кајмани, папагали, џиновски видри и најголема концентрација на јагуари, во првите шест месеци од годинава забележани се 3.538 пожари што е зголемување за повеќе од 2.000 отсто во споредба со лани. Вкупниот број на пожари е за 40 проценти поголем од 2020 година, што е рекордна година за шумски пожари во тој регион. Само во јуни се регистрирани 2.639 пожари, што е шестпати поголема бројка досега.

Ситуацијата е загрижувачка затоа што врвот на сезоната на шумски пожари вообичаено е во втората половина од годината, особено во септември.

Сојузната држава Мато Гросо, каде се наоѓа најголемиот дел од Пантанал, прогласи вонредна состојба минатата недела, а властите најавија дека ќе пристигнат пожарникари од други региони за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Серадо, заедно со африканската и австралиската савана, е една од трите големи савани на Земјата, се соочи со 13.229 пожари од јануари до јуни, речиси колку и Амазонската прашума.

Серадо покрива област со големина на Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија заедно. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ