Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, треба да преговараат со Израел

18 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.

Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“. За да се усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.

„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.

Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Палестинските интензивирани напори за полноправно членство следеа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, тврди дека Палестинците не ги исполнуваат критериумите за полноправно членство во ОН: постојано население, дефинирана територија, влада и капацитет за односи со други држави.

„За чие признавање гласа Советот и на кого би му дале статус на полноправно членство? Хамас во Газа? Палестински исламски џихад во Наблус? Кому? Давањето полноправно членство на Палестинците во ОН „нема да има никаков позитивен ефект за ниту една страна, тоа може само да предизвика уништување во годините што доаѓаат и да им наштети на шансите за каков било дијалог во иднина“, посочи Ердан.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ