Републиканските пратеници во Претставничкиот дом на САД се обидуваат да добијат поддршка за нацрт-законот со кој се овластуваат разговори за купување на Гренланд, според нацрт-законот „Да го направиме Гренланд повторно голем“, чии копии беа дистрибуирани денеска, јавија американските медиуми.
Тоа го потврдија канцелариите на републиканските конгресмени Енди Оглс и Дијана Харшбаргер.
Ако биде усвоен, законот ќе му овозможи на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапи во преговори со Данска почнувајќи од 20 јануари, кога ќе ја преземе функцијата претседател на САД. Во документот се наведува дека Конгресот го овластува претседателот, почнувајќи напладне на 20 јануари, да започне преговори со Кралството Данска за да обезбеди аквизиција на Гренланд.
Се додава дека „најдоцна пет календарски дена по постигнувањето договор со Данска“ во врска со преземањето на Гренланд, американскиот претседател ќе го пренесе договорот, вклучувајќи ги сите поврзани материјали и анекси, до соодветниот конгресен комитет.
Трамп претходно изјави дека сака Гренланд да стане дел од САД.
Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот на изборите на 5 ноември.