На инаугурацијата на Доналд Трамп, кој ќе стане нов-стар претседател на Соединетите Американски Држави, ѕвездата на кантри музиката Кери Андервуд ќе ја пее песната „America the Beautiful“. На овој настан ќе настапи и познатата група Village People.
Кери Андервуд, која ја започна својата кариера на „Американски идол“, треба да настапи непосредно пред Трамп да положи заклетва во американскиот Капитол на 20 јануари, според копија од инаугуративната програма доставена до Асошиетед прес во понеделникот.
„Ја сакам нашата земја и чест ми е што ме замолија да пеам на инаугурацијата и да бидам мал дел од овој историски настан“, рече Андервуд во понеделникот.
Американската диско група Village People се прослави кон крајот на 1970-тите со нивните денс-поп песни. Нивниот најпознат хит, „Y.M.C.A.“, нашироко се смета за геј химна - и стана главен дел од митинзите на Трамп на последните избори, заедно со нивниот хит „Macho Man“, пишува АП.
The Village People ќе настапат на еден од инаугуративните балови на Трамп и на митингот што тој го одржува во Вашингтон еден ден пред да положи заклетва.
„Нашата песна Y.M.C.A. е глобална химна за која се надеваме дека ќе помогне да се зближи земјата по бурната и поделена кампања во која нашиот омилен кандидат загуби. Затоа веруваме дека сега е време да ја зближиме земјата преку музика, поради што Village People ќе настапува на „различни настани околу инаугурацијата на Доналд Џеј Трамп во 2025 година“, соопшти групата „Village People“.
Други изведувачи на церемонијата на инаугурација ќе бидат двајца од музичките фаворити на новоизбраниот претседател, кантри пејачот Ли Гринвуд, чија песна „God Bless The U.S.A“. одекна откако Трамп победи на изборите во САД и оперскиот пејач Кристофер Макио.