Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, доколку биде реизбран, ќе користи воена помош за да ги натера Киев и Москва да седнат на преговарачка маса и да постигнат договор за прекин на огнот, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на извори.
Соговорникот на каналот, запознаен со мислењето на Трамп за ова прашање, рече дека поранешниот претседател најверојатно ќе им се обрати на претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, ден по неговиот евентуален избор (во ноември) или инаугурација (во јануари 2025 г. ) да започнат преговори за координација.
Тој додаде дека Трамп најверојатно ќе ја искористи американската воена помош за Украина како потпора за да ги доведе двете страни на преговарачка маса.
Соединетите Американски Држави се најголемиот донатор на воена помош за Киев, но предлог-законот за доделување 60 милијарди долари за поддршка на Украина е „заглавен“ во Конгресот од есента, што значително го ограничува снабдувањето.
Европските претставници се загрижени дека следењето на планот на Трамп може да значи Украина да изгуби одредена територија.
Трамп во неколку наврати изјави дека доколку е претседател, би го решил конфликтот во Украина што е можно поскоро. Во интервју за „Фокс њуз“ во јули минатата година, тој рече дека прво ќе ги контактира Путин и Зеленски.
- Би му рекол на Зеленски „доста е, треба да се договорите“. Ќе му кажам на Путин „ако не се договорите, ќе ѝ дадеме на Украина многу, повеќе отколку што имале досега, ако мораме“, рекол поранешниот претседател.
„Вашингтон пост“ на 7 април напиша дека Трамп во приватен разговор зборувал за планот за ставање крај на конфликтот во Украина, кој вклучува притисок врз Киев да и ги отстапи Крим и Донбас на Москва.
Советникот на Трамп во кампањата Џејсон Мулер ги нарече лажни вести.
Москва повеќепати изјави дека е отворена за преговори, но под свои услови, вклучително и признавање на нови територии, додека, од друга страна, Киев инсистира на враќање на границите од 1991 година и повлекување на руските војници. Украинската страна нагласи дека нема да го замрзне конфликтот и нема да се откаже од барањето за враќање на териториите.
Европејците се загрижени дека доаѓањето на Трамп на власт може да значи дека Украина губи одредена територија, но крајната цел би била да се стави крај на загубата на животи.
- Ако Украина сака континуирана помош, тие мора да седнат и да преговараат, а ако Русија не сака да и дадеме голема количина на нова поддршка на Украина, тогаш тие треба да седнат и да преговараат. Ова не значи попуштање пред Украина или да му дадеме на Путин се што ќе посака, изјави извор запознаен со плановите на поранешниот претседател.