Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Орбан го повика Зеленски да ја разгледа можноста за брз прекин на огнот во Украина

2 јули 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев да ја разгледа можноста за брз прекин на огнот, што би можело да ги забрза мировните преговори, изјави унгарскиот премиер на заедничката прес-конференција со украинскиот лидер.

Орбан рече и дека Унгарија би сакала да има многу подобри билатерални односи со Украина и дека неговата земја е подготвена да учествува во модернизацијата на украинската економија.

Унгарскиот премиер додаде дека Унгарија ги цени украинските мировни иницијативи, но го повика Зеленски да работи на прекин на огнот што ќе ги овозможи мировните преговори.

Орбан, исто така, посочи дека би сакал да ги подобри односите со Украина и да потпише широк договор за билатерална соработка.

Од своја страна, Зеленски на својот унгарски гостин му ја истакнал важноста на праведен мир во Украина.

Украинскиот претседател на заедничката прес-конференција рече дека посетата на унгарскиот лидер ги илустрира заедничките европски приоритети и колку е важно да се постигне праведен мир во Украина и во цела Европа.

Зеленски, исто така, побара од унгарскиот премиер Орбан, кој во минатото ја блокираше исплатата на помошта на Европската унија за Киев, да ја задржи европската воена помош за Украина.

-За сите нас во Европа, исто така е многу важно европската поддршка за Украина да остане на доволно ниво, вклучително и нашата заштита од рускиот терор, рече Зеленски на прес-конференцијата за време на посетата на Киев на унгарскиот премиер, познат по неговата блискост со Москва, чија земја вчера го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ