Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Објавен е дневникот на Навални, напишан во рускиот затвор: Овде ќе умрам

12 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

„Нема да има никого со кого ќе можам да се збогувам. Сите родендени ќе се слават без мене. Никогаш нема да ги видам моите внуци. Нема да бидам тема на семејна приказна. Нема да бидам на какви било фотографии“, пишува Навални на 22 март 2022 година во неговиот затворски дневник, чии извадоци беа објавени од Њујоркер и Лондон Тајмс. Содржината на целиот дневник ќе биде достапна за јавноста на 22 октомври.

Книгата наречена „Патриот“ ќе биде „сеќавање за мене“, пишува рускиот дисидент. Американскиот издавач Knopf објави дека е планирана и руска верзија на неговиот дневник. По неговото враќање во Русија во јануари 2021 година, по тешко труење, овој активист и борец за борба против корупцијата веднаш беше уапсен. Тој беше осуден на издржување затворска казна од 19 години за „екстремизам“. Беше сместен во казнена колонија на Арктикот, каде што почина на 16 февруари на 47-годишна возраст.

„Единственото нешто од кое треба да се плашиме е да ја оставиме нашата татковина на грабеж на банда лажговци, крадци и лицемери“, напиша тој на 17 јануари 2022 година.

Во еден пасус, тој опишува еден типичен ден во казнена колонија. 1 јули 2022 година: „Станување во 6 часот наутро, појадок во 6:20 часот и започнување со работа во 6:40 часот наутро. На работа, седите на машина за шиење седум часа, а столот е понизок од вашите колена. По работа, продолжувате да седите уште неколку часа на дрвена клупа под портретот на Путин, тоа се нарекува „дисциплинска активност““, опишува Навални.

Тој зборува и за својот штрајк со глад во април 2021 година, поради што секој ден губи по килограм. Вратата од кујната на затворот, каде што се пече пилешко и леб, била „намерно оставена отворена“ за нивниот мирис да дојде до него. И редовно му ставаат бонбони во џебовите.

На 11 април 2021 година, Алексеј Навални „за прв пат почувствува дека е емотивно и морално на најниско ниво на сите времиња“. Меѓутоа, само неколку дена подоцна, меѓународната поддршка, „меѓу нив петмина добитници на Нобелова награда, дури и Џ.К. Роулинг“, му даде поттик и нова енергија. Неговата смрт предизвика едногласна осуда од речиси сите западни престолнини, при што многу лидери го вперија прстот кон Владимир Путин.

За Дејвид Ремник, главен уредник на Њујоркер, „невозможно е да се прочита затворскиот дневник на г-дин Навални без да се налутите од трагедијата на неговото страдање и смрт“.

Во последниот дел од дневникот објавен од Њујоркер, на 17 јануари 2024 година, пишува дека меѓу другите затвореници и некои затворски службеници постојано се поставувало прашањето - зошто се вратил во Русија? Навални одговара: „Не сакам да ја напуштам мојата земја или да ја предадам.“

И покрај тоа што е сам и во затвор, хуморот на Навални во неколку наврати доаѓа до израз. На пример, кога објаснува зошто го пишува својот дневник или книга. „Ако ме убијат, моето семејство ќе добие аванс и хонорари“, објаснува тој.

„Ако нејасен обид за хемиски атентат проследен со трагична смрт во затвор не може да продаде книга, тешко е да се замисли што би можело. Авторот на книгата е убиен од озлогласен претседател. Што повеќе може да посака одделот за маркетинг?“ Овие зборови се уште одекнуваат осум месеци по неговата смрт.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ