Началникот на полицијата во округот Балтимор, Роберт МекКалоу, рече дека полицајците одговориле на извештаите за пукање околу 19:15 часот по локално време. Според шефот на противпожарната служба на округот Балтимор, Џо Диксон, местото на инцидентот било во близина на погребалниот дом Џонсон во заедницата Таусон, објави Си-Би-Ес Њуз.
На местото на настанот, полицаецот го затекнал возилото превртено на страна и во пламен. МекКалоу рече дека се чини дека возилото било вклучено во инцидентот што довело до несреќата и пожарот, но нема дополнителни детали.
Известена е противпожарната служба и на лице место се затекнати десет жртви - едно лице починало од прострелна рана, додека девет лица се повредени. Најголем дел од повредите се предизвикани од огнено оружје, изјави началникот на полицијата.
Деветте преживеани жртви се пренесени во блиските болници, но нивната состојба се уште не е позната. Детали за идентитетот на жртвите и природата на нивните повреди не биле веднаш достапни.
Мекалоу рече дека полицијата ги истражува околностите околу пукањето, но рече дека се верува дека инцидентот е насочен и изолиран чин.
„Изгледа дека поединците вклучени во овој инцидент биле меѓусебно поврзани на некој начин“, рече МекКалоу. „Овој инцидент беше намерен и насочен кон конкретни лица.“
Никој не е уапсен во врска со пукањето.
„Нема да пропуштиме ниту една трага и сите ресурси ќе ги посветиме на овој случај“, вети началникот на полицијата. „Вакво нешто генерално не се случува во нашите заедници во округот Балтимор. Ова е изолиран инцидент.“
Локалните медиуми објавија дека погребната куќа, каде што се одржувало бдението, однадвор е изрешетана и дека неколку истрели погодиле и некои блиски згради.
Пожарникарите од округот Балтимор успеале да го изгаснат пожарот на возилото и да ги санираат повредените пред да бидат пренесени во болниците.
Полицијата понудила награда од 2.000 долари за информација која би помогнала да се реши случајот.