Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Најмалку 30 загинати во денешните израелски напади во Појасот Газа

3 јануари 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Персоналот на болницата соопшти дека повеќе од 10 жени и деца биле убиени во израелските напади на различни локации во централниот дел на Појасот Газа, со кој владее палестински Хамас, вклучувајќи ги градовите Нусејрат, Заваида, Магази и Деир ал-Балах.

Во вчерашните израелски напади врз таа палестинска енклава загинаа и неколку десетици луѓе.

Израелската армија не ги коментираше последните напади, но во денешното соопштение наведе дека во изминатиот ден нападнала десетици позиции на Хамас низ Газа, во областите каде што екстремистичката организација планирала и изведувала напади. Војската соопшти дека презела мерки за ублажување на цивилното страдање, како што е употребата на прецизна муниција и воздушниот надзор.

Цел на вчерашните израелски напади беа безбедносните претставници на Хамас и хуманитарната зона прогласена од Израел. Независниот новинар Омар ал Дерави беше убиен во напади рано утринава.

Во исто време со израелските напади врз Појасот Газа, рано утринава во Израел се слушнаа сирени за воздушен напад поради ракетните напади од Јемен.

Засега нема информации за повредени или материјална штета, иако во Ерусалим можеше да се слушне слаба експлозија, најверојатно од проектил или пресретнувач. Израелската армија соопшти дека била пресретната ракета.

Преговорите меѓу Израел и Хамас се очекува да продолжат денеска во Катар со посредство на САД.

Тие преговори постојано беа во застој за време на 15-месечната војна, предизвикана од нападот врз Израел од страна на палестинските екстремисти предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година. Тој ден екстремистите убиле околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапирале околу 250. Околу 100 заложници се уште се во Газа, а се верува дека третина се мртви.

Израел веднаш, како одмазда, започна офанзива на Појасот Газа, при што, според Хамас, загинаа повеќе од 45.500 Палестинци. 

Израелската армија тврди дека ги напаѓа само екстремистите и го обвинува Хамас за смртни случаи на цивили, бидејќи неговите борци дејствуваат во густо населени области. Израелската војска тврди дека убила 17.000 екстремисти, но не нуди докази.

Војната доведе до уништување на голем дел од Појасот Газа и раселување на околу 90 отсто од 2,3 милиони жители на енклавата. 

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ