Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Харис го повика Трамп микрофоните да им бидат вклучени во текот на целата телевизиска дебата

31 август 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Американската потпретседателка и кандидатка на Демократската партија за претседателските избори во САД во ноември, Камала Харис денеска го повика нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп микрофоните да ги држат вклучени во целиот тек на нивната претстојна телевизиска дебата, јавија британските медиуми.

Харис и поранешниот претседател се согласија на 10 септември да одржат дебата организирана од Еј-Би-Си Њуз.

„Доналд Трамп попушта пред барањата на неговите советници кои не сакаат да му дозволат да дебатира со вклучен микрофон. Ако неговиот тим не му верува, американскиот народ сигурно нема“, наведе Харис во објава на социјалната мрежа Х.

„Ние се кандидираме за претседател на САД. Ајде да дебатираме на транспарентен начин - со вклучени микрофони цело време“, додаде таа.

Трамп изјави дека претпочита неговиот микрофон да биде постојано вклучен и дека не му се допаѓало да биде исклучуван микрофонот за време на последната дебата против тогашниот претседателски кандидат Џо Бајден.

Таканаречените „жешки микрофони“, т.е. постојано вклучени, можат да им помогнат или да им наштетат на политичките кандидати и да фатат коментари, кои понекогаш не се наменети за публиката, забележуваат британските медиуми.

Претставник на Еј-Би-Си не одговори веднаш на барањето за коментар.

Дебатата на 10 септември ќе биде првата меѓу Харис и Трамп откако Бајден се откажа од претседателската трка по слабиот настап на дебатата на Си-Ен-Ен во јуни, што ги покрена прашањата за неговата ментална острина.

Демократскиот кандидат за потпретседател Тим Волц и неговиот републикански противкандидат Џеј-Ди Венс ќе одржат дебата на Си-Би-Ес на 1 октомври, јавија британските медиуми./МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ