Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Борел и Шуица: Мора да работиме на зајакнување на демократиите

15 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Европската Унија останува цврста во својата заложба да ја зајакне и брани демократијата и во и надвор од нејзините граници, се вели во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и потпретседателката на Европската комисија за демократија и демографија Дубравка Шуица по повод Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември. 

Тие нагласуваат дека во текот на оваа 2024 година речиси половина од жителите во Земјата во над 70 држави имаа или ќе има можност да изберат свои претставници, потврдувајќи ја со тоа својата посветеност на демократијата, често и во предизвикувачки околности, без разлика дали се кандидати или гласачи. 

- Европската Унија ги поздравува оние кои ја бранат демократијата, често изложени на голем личен ризик. Одржувањето на демократијата е клучно за зачувување и унапредување на достоинството на секој граѓанин, како и за поттикнување на социјалната правда, инклузивен развој и мир, се наведува во пораката. 

Борел и Шуица потенцираат дека во различни региони на светот луѓето се соочуваат со закани и обиди за поткопување на демократските процеси, интегритетот на изборите и темелите на демократијата преку политичко насилство, изборна манипулација, измами, злоупотреба на државни ресурси, ширење дезинформации или странско мешање. 

- Со распоредување на мисии за мониторинг на изборите и други инструменти за поддршка на демократијата, ЕУ работи на идентификување, одвраќање и издавање препораки, со цел да овозможи и охрабри активно учество на изборите. Ова не е само задача од еден ден: Посветеноста на Европската Унија се протега и надвор од изборите. ЕУ ги поддржува демократските принципи на учество, еднаквост, отчетност и транспарентност, со фокус на вклучување на жените, децата и младите во јавниот живот, порачуваат Борел и Шуица. 

Тие нагласуваат дека ЕУ го поддржува граѓанскиот сектор и заштитниците на човековите права, се бори против корупцијата, се стреми да го подобри владеењето на правото и ги поддржува независните медиуми, безбедноста на новинарите и борбата против дезинформациите, истовремено промовирајќи правична дигитална трансформација.

- Ова се дел од основните вредности што не дефинираат. Последната деценија покажа дека демократијата е кревка и бара постојана будност. Мора да продолжиме да работиме на зајакнување на издржливоста на нашите демократии и да ги потиснеме сите обиди за нивно уништување, во и надвор од ЕУ. На овој Меѓународен ден на демократијата, ја потврдуваме нашата поддршка на сите оние кои се залагаат за демократските вредности и универзалните права и ја нагласуваме колективната одговорност за градење отпорни, инклузивни општества за сегашните и идните генерации, истакнуваат Борел и Шуица во заедничката изјава по повод Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември./МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ