<b><i>Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе останат во НАТО под неговото потенцијално ново раководство доколку земјите од Европската Унија „правично се однесуваат кон Америка“.</i></b>
Во ексклузивното интервју со Најџел Фараж, британскиот водител на телевизијата GB News и поранешен лидер на партијата Брегзит, кој е еден од неговите сојузници во Европа, Трамп ги нападна земјите од ЕУ за „експлоатација“ на САД и им нареди да „платат“ за да им гарантира поддршка од Вашингтон.
Фараж потсети на изјавите на Трамп за време на претседателските посети на Брисел дека „Русите можат да прават што сакаат ако тие земји не платат“, што тој го повтори неодамна, при што британскиот водител забележа дека тие изјави сега се користат против поранешниот шеф на Белата куќа.
- Нека ги користат, баш ми е гајле дали ги користат. Затоа што ова за што зборувам е форма на преговарање. Зошто да ги заштитиме оние земји кои имаат многу пари, додека САД плаќаат за мнозинството во НАТО?, рече Трамп.
Тој рече дека тоа го кажал на средбите во Брисел на кои присуствувал како претседател и тоа имало ефект.
- Тогаш повторно престанаа да плаќаат. Но, сега плаќаат поради моите коментари што ги видовте пред две-три недели, не знам дали го знаете тоа, но пристигнаа многу пари откако ги дадов тие (нови) коментари, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател оцени дека поради него НАТО станал посилен.
- Сега НАТО мора праведно да се однесува кон САД, бидејќи да не беа САД, НАТО немаше ни да постои. Нè користеа како што тоа го прават повеќето земји, рече Трамп.
Фараж го праша дали „места како Полска ќе се бранат ако тие (земјите членки на НАТО) почнат сами да си ги плаќаат сметките и се е фер во клубот“, односно „дали Америка ќе биде таму“ за нив.
- Да. Но, САД треба да си го платат својот дел, а не да плаќа за сите други, рече Трамп.
На тоа, Фараж изјави дека тоа е „сосема фер“, а Трамп додаде дека смета оти „САД платиле 90 отсто (од трошоците) од НАТО, а би можело да биде и 100 отсто.
- Тоа беше најнеправедната работа, и не заборавајте дека ним (одбраната) им е поважна од нас... Не искористија. Не користеа комерцијално, нè користеа воено,рече Трамп.
Фараж потоа го праша „дали Америка ќе биде таму (за сојузниците во НАТО) ако почнат да плаќаат како што е фер“.
– 100 отсто, веднаш одговори Трамп.
Во интервјуто на Фараж му одговара и на прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин е личност со која Западот може да преговара.
- Да, мислам дека е. Ние (претседателската администрација) бевме совршено добро со него, рече Трамп.
Тој потоа изнесе тврдење во врска со гасоводот Северен тек 2 меѓу Русија и Германија, кој беше оневозможен поради експлозии на цевки во есента 2022 година, речиси две години по заминувањето на Трамп од власта, а руската и украинската страна меѓусебно се обвинуваат за несреќата.
- Видете, само да знаете, јас бев тој што го запре гасоводот Северен тек 2 (во изградба). Луѓето не го разбираат тоа... а потоа (американскиот претседател Џо) Бајден веднаш дојде и го одобри, рече Трамп.