Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Израел се закани дека ќе го напаѓа Хезболах со „цела сила“

27 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Борбите меѓу Израел и либанската милиција Хезболах продолжија и вчера, а досега се убиени стотици луѓе и десетици илјади луѓе се раселени во Либан откако Израел почна со масовното бомбардирање пред четири дена.

По неколкумесечните прекугранични престрелки меѓу израелските сили и милицијата поддржана од Иран, која вели дека делува од солидарност со Хамас во Газа, Израел во понеделникот почна интензивна воздушна кампања со напади врз цели на Хезболах, и регионот сега е на работ на сеопфатна војна.

Во тек се меѓународни напори да се преговара за прекин на огнот, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негираше дека е договорен каков било план и вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах со „цела сила“.

Најмалку 92 лица загинаа, а повеќе од 150 луѓе се повредени во израелски напади вчера во Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.

Повеќе од 600 луѓе се убиени оваа недела, според либанските власти. Меѓу нив има и повеќе од 100 сириски бегалци, според активистите за човекови права.

Вкупно 70.100 раселени лица во моментов се регистрирани во 533 центри за итни случаи, информира либанскиот министер за внатрешни работи Басам Мавлави.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека нападите ќе продолжат и покрај повиците за прекин на огнот и оти „го одобрил следниот сет на операции“.

- Продолжуваме да ги елиминираме терористите на Хезболах, да ја демонтираме офанзивната инфраструктура и да уништуваме ракети и проектили, објави тој на X.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ