Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден и
неговото семејство добиле подароци во вредност од десетици илјади долари во
2023 година од странски лидери, вклучувајќи ги, меѓу другите, индискиот премиер
Нарендра Моди и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави денеска АП.
Според годишниот извештај на Стејт департментот, Бајден
добил комеморативен фото албум од 7.100 долари од неодамна отповикуваниот
јужнокорејски претседател Сук Јеол-џун, статуа на монголски воини од
монголскиот премиер од 3.495 долари и сребрен сад од султанот од Брунеи од
3.300 долари.
Бајден добил и сребрен послужавник од претседателот на
Израел од 3.160 долари и колаж од 2.400 долари од украинскиот претседател
Володимир Зеленски.
Првата дама Џил Бајден добила дијамант од 7,5 карати во
вредност од 20.000 долари од Моди, брош вреден 14.063 долари од украинскиот
амбасадор во САД и нараквица, брош и фото албум во вредност од 4.510 долари од
претседателот и првата дама на Египет.
Дијамантот од 20.000 долари бил чуван за официјална употреба
во источното крило на Белата куќа, се вели во документот на Стејт департментот,
додека други подароци за претседателот и првата дама биле испратени во
архивата.
Ванеса Валдивија, портпаролка на Џил Бајден, рече дека
дијамантот ќе биде предаден во архивата откако семејството Бајден ќе ја напушти
Белата куќа.
Украинската амбасадорка Оксана Маркарова во петокот на
Фејсбук напиша дека украински дизајнер направил брош од остатоци од руска
ракета и дека парчето е направено од евтин материјал, па неговата вредност е
„симболична“.
Освен од семејството Бајден, членови на ЦИА добиле подароци
и од странство, кои, според соопштението на Стејт департментот, главно биле
уништени, а нивната вкупна вредност се проценува на 132.000 долари, пренесува
АП.