Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

ЕК: Израел треба итно и во целост да овозможи пристап на хуманитарна помош во Газа

5 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Европската Комисија го повика Израел што поскоро повторно да го отвори преминот Ерез во северниот дел на Газа и пристаништето Ашдод во јужен Израел за хуманитарна помош, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го најави по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден.

„Комисијата ја забележа најавата на премиерот Нетанјаху дека ќе отвори пристап за хуманитарна помош до Газа по неговиот телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден. Тие чекори треба да се спроведат брзо и целосно“, се вели во соопштението на Комисијата.

Комисијата го повторува својот повик до Израел да ги заштити невините цивили и хуманитарните работници, во согласност со меѓународното хуманитарно право, и ги повикува сите актери во регионот значително да ја зголемат испораката на хуманитарна помош во Газа.

За време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера вечерта, американскиот претседател Џо Бајден побара „конкретни, итни“ чекори за олеснување на хуманитарната криза во Газа, велејќи дека САД може да ја променат политиката кон Газа доколку Израел не преземе мерки за да ја осигура безбедноста на Палестинците и хуманитарните работници..

Зголемениот притисок врз Израел уследи по убиството на седум хуманитарни работници во израелски напад во понеделникот вечерта, што предизвика глобален гнев поради тековната криза околу испораката на помош во опколената енклава. На состанокот на безбедносниот кабинет доцна синоќа беа одобрени итни чекори за зголемување на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот Газа, се вели во израелското соопштение.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ