Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Чистка на врвот: Уапсен е и поранешниот заменик на екс рускиот министер за одбрана, Шојгу

29 август 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Случајот против Попов, кој бил на функција од 2013 година, е трет по ред поврзан со корупција во врска со изградбата на воен тематски парк. Како што јави Ројтерс, претходно биле уапсени генерал-мајор Владимир Сестеров и Вјачеслав Ахмедов, директорот на Патриот паркот, кој се наоѓа недалеку од Москва. Тие се осомничени за измама.

„Попов беше одговорен за развојот, одржувањето и функционирањето на Патриот парк. Се збогати на сметка на оваа институција“, се вели во соопштението на Истражниот комитет.

Паркот Патриот се смета за една од главните туристички атракции во Москва. Во него има огромна колекција на руско и советско оружје и на посетителите им нуди можност да се качат на тенкови и да учествуваат во борбени симулации.

Инспекторите рекоа дека почнувајќи од 2021 година, Попов пренасочувал разни градежни материјали од паркот во својата куќа на село. Во рамките на истрагата се проверуваат неколку имоти во сопственост на Попов и членови на неговото семејство, во вредност од повеќе од 500 милиони рубљи (околу 5,47 милиони долари), потврдија истражителите.

Попов е еден од најмалку десетината функционери уапсени од април во најголемиот бран корупциски скандали што го погодија рускиот воен и одбранбен естаблишмент во последните години.

Во мај оваа година, веднаш по првите апсења на официјални лица, рускиот претседател Владимир Путин го разреши својот долгогодишен министер за одбрана и близок пријател Сергеј Шојгу. На негово место е поставен економистот Андреј Белусов.

Овој потег на Путин се сметаше за обид да се воспостави ред во војската, која добива најголем дел од рускиот буџет, со цел да се намалат загубите и корупцијата.

Павел Попов дипломирал на воената академија и служел цели 17 години на различни позиции, вклучително и во Министерството за вонредни ситуации на Русија. Шојгу, сега секретар на Советот за безбедност на Русија, беше на чело на тоа министерство од 1991 до 2012 година.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ