Доналд Трамп се огласи откако канадскиот премиер Џастин Трудо поднесе оставка.
Трамп, кој на 20 јануари ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, ги повтори своите тврдења за идејата северниот сосед да стане 51-ва американска држава.
- Многу луѓе во Канада ја сакаат идејата да се биде 51-та држава на САД. Соединетите Држави повеќе не можат да ги толерираат огромните трговски дефицити и субвенции кои и се потребни на Канада за да опстане. Џастин Трудо го знаеше тоа и затоа си поднесе оставка. Доколку Канада се спои со САД, нема да има царини, даноците значително ќе се намалат, а Канада би била целосно безбедна од заканите на руските и кинеските бродови кои постојано ја опкружуваат. Заедно, каква голема нација би била!!! – напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Да потсетиме, канадскиот премиер Џастин Трудо денеска поднесе оставка, во обраќањето што го најави претходно во текот на денот.
Тој рече дека веднаш ќе се повлече од функцијата лидер на Либералната партија, но ќе остане премиер додека не се најде негова замена.